Dacia со официјална премиера за својот прв електричен модел
Романскиот бренд Dacia официјално го промовираше својот прв адут меѓу електричните автомобили, Spring Electric
Dacia Spring Electric претставува концептуален модел кој е „близнак“ на веќе познатиот Renault City K-ZE, со што се потврдија претходните очекувања. Веќе на прв поглед станува јасно дека ова не е обична Dacia, туку нешто сосема друго. Романскиот модел го задржа својот SUV облик, со тоа што сега е далеку поатрактивен од било што друго што Dacia го нуди во моментов. Сериската варијанта се очекува да се појави идната година, а тогаш ќе бидат познати и повеќе спецификации за овој автомобил. Од Dacia истакнуваат дека со Spring Electric купувачите ќе имаат достапност до електричната револуција.
Во својот прес материјал од романскиот бренд не дадоа премногу информации за погонскиот склоп на Dacia Spring Electric, но затоа е познато дека овој модел во својата финална производствена верзија ќе располага со 200 километри автономија, од романскиот бренд се пофалија дека автомобилот нуди едноставно и мирно возење, без никаква бука, без вибрации, очекувано без емисија на CO2 и дека е лесен за полнење и не бара високо ниво на одржување. Од Dacia посочуваат дека овој електричен автомобил е наменет за употреба во урбаната средина, па и должината од 3.730 милиметри е во склад со тоа, а со оглед на тоа дека станува збор за семеен автомобил, очекувано моделот пристигнува со четири врати. Според првичните најави и очекувања, првиот електричен автомобил на Dacia требаше да биде најевтиниот во Европа, но засега нема никакви информации околу цената.