Cupra Formentor со официјално деби
Првиот модел дизајниран специјално за брендот нa Seat, официјално го забележа своето деби, а станува збор за Cupra Formentor
Cupra Formentor требаше да го забележи своето деби на Салонот за автомобили во Женева, но истиот беше откажан поради коронавирусот. Поради тоа, фановите во моментов ќе мораат да се задоволат само со фотографии од спортскиот кросовер, но на прв поглед е јасно дека станува збор за сериозна машина.
„На почетокот од брендот морате да напредувате во фази. Кога одлучивме да ја основаме Cupra, моравме да чекаме да пристигне автомобил кој ќе биде 100 проценти Cupra“, изјави претходно шефот на дизајн Алехандро Месонеро Томанос.
Formentor го доби своето име по ‘ртот на Мајорка, а од Cupra тврдат дека токму овие карпи се инспирација за изгледот на Formentor. Кога станува збор за дизајнот, овој кросовер пристигнува со остри линии на каросеријата во делот на појасот и над лаковите на задните тркала. Паѓачката линија на покривот и задниот крај потсетуваат на Porsche, а задните светла се поврзани со централна LED линија која го прави овој автомобил препознатлив. Под него се наоѓаат уште остри линии, а таквиот дизајн продолжува и во внатрешноста каде се наоѓаат трапезоидните вентилациски отвори. Cupra Formentor почива на MQB платформата на Volkswagen, a со себе има голем број на безбедносни и системи за асистенција на возачот.
На арматурната плоча доминира 12-инчниот централен екран чувствителен на допир. Пред возачот се наоѓа дигитален инструмент кластер позициониран зад управувачот, додека внатрешноста е преслечена во сини и црни материјали, а присутни се и детали од алуминиум и бакар. Како што и се претпоставуваше на основа на тест примерокот, серискиот модел не се разликува премногу од концептот. Кога станува збор за димензиите, автомобилот е долг 4.450 милиметри, широк е 1.839 милиметри, висок 1.511, а меѓуосовинското растојание изнесува 2.680 милиметри, додека капацитетот на багажникот е 450 литри.
Formentor нуди основна конективност вклучително и Apple CarPlay и Android Auto системи, а доби и неколку помошни системи меѓу кои е и адаптивниот темпомат кој може да ги следи сообраќајните знаци и според нив да ја прилагодува брзината. Исто така, тука е и системот за следење на возилата во слепиот агол наречен Exit Assist, кој може да ги предупреди возачот и патниците за возилата кои се во близина и пешаците пред тие да ја отворат својата врата.
Cupra Formentor ќе пристигне и во plug-in хибридна верзија
Освен тоа, во пакетот се и Dynamic Chassis Control (DCC), издувниот систем со четири издувни цевки, посилен систем за кочење, алуминиумски тркала од 19 инчи со детали во бронза, како и дотеран ентериер што подразбира Cupra управувач со рамен долен дел, спортски седишта и педали, LED амбиентално осветлување, детали од карбон, акценти во боја на бронза, и така натаму.
Cupra Formentor ќе биде достапен со 2,0-литарски четирицилиндричен турбо бензинец кој развива 310 КС, a plug-in хибридната верзија користи 1,4-литарски турбо бензински мотор од 150 КС и електричен мотор од 115 КС. Комбинирано, plug-in хибридниот погон испорачува 245 КС, а Formentor може да мине и до 60 километри со користење исклучиво на електрична енергија. Без оглед на изборот на купувачите, Cupra Formentor пристигнува со седумстепен DCT менувач и погон на сите четири тркала.
Продажбата на овој автомобил започнува во последниот квартал на 2020 година, а цените се уште не се познати.