Alfa Romeo официјално ја претстави Giulia GTA
Alfa Romeo ја претстави Giulia GTA која со себе носи помалку килограми и поголема моќност, а тоа е рецепт за извонредни перформанси
Alfa Romeo требаше да ја претстави Giulia GTA на годинешното издание на Салонот за автомобили во Женева, но истиот беше откажан, која без дилеми ќе беше една од најголемите ѕвезди на настанот. Италијанската автомобилска компанија по долги години ја врати ознаката чиј акроним Gran Turismo Alleggerita сугерира на речиси тркачки автомобил кој и понатаму може да се користи на јавните патишта.
Во однос на основната верзија Giulia Quadrifoglio од која настана, Giulia GTA пристигнува со 100 килограми помала маса, а паралелно со намалената тежина, инженерите во Alfa моќта на 2,9-литарскиот V6 битурбо мотор ја зголемија од стандардните 510 на нешто повеќе од 540 КС, што е доволно од нула до „стотка“ да стигне за 3,6 секунди. Истиот тим успеа да го оптимизира позитивното влијание на примената на новиот централен издувен систем од Akrapovič, со препознатлив звук.
https://youtu.be/Z6MNf6yaSn8
За новиот модел Giulia GTA, инженерите од Alfa Romeo се потрудија да ја унапредат аеродинамиката и управливоста. Активната аеродинамика е посебно проучувана со цел да се зголеми аеродинамичното оптоварување. Овие решенија содржат техничко знаење кое пристигнува директно од Formula 1, благодарение на синергијата со компанијата Sauber Engineering и користењето на Sauber aero body kit пакетот. Истатат азадача е зададена на страничните всисувачи, специјалниот заден спојлер и активниот преден спојлер. Giulia GTA е поставена на 20-инчни тркала со централно заклучување, кои се појавуваат за прв пат во една лимузина.
Внатрешноста на Giulia GTA пристигнува со неколку нови детали како што се елементи од 100 процентен Алкантара материјал на контролната табла, панелите на вратата, страничните столбови и централните делови на седиштата. Новите мат детали од карбон и даваат на внатрешноста карактеристична техничка и естетска елеганција.
Alfa Romeo ја претстави и Giulia GTAm
За оние кои сакаат уште повеќе перформанси и адреналин тука е и Giulia GATm која пристигнува со кабина обложена во алкантара и карбон, а наместо задните седишта тука е безбедносниот кафез. За возачот и совозачот обезбедени се безбедносни појаси со по шест точки на зацврстување на седиштата кои се направени од карбон, а наместо рачки, вратите се отвораат со помош на ремен, што е уште еден детал типичен и инспириран од светот на трките. Исто како и GTA, така и GTAm може да се регистрира и да се користи на јавните патишта.
Giulia GTAm ќе се произведе во ограничена серија од само 500 примероци вкупно, сите нумерирани и лиценцирани и подготвени да го заземат своето место заедно со својот претходник од 1965 година како еден од најбараните колекционерски примероци.
Во Alfa Romeo, покрај неколкуте нови каросериски компоненти, Giulia GTA ја подновија и со значително поширок траг на тркалата, а тука се и новите елементи од системот на потпирање кој се крие зад црните 20-инчни алуминиумски тркала. Италијанската компанија подготви и посебен подарок за 500 купувачи на Giulia GTA и GTAm, a тоа е Bell кацига во GTA бои, тркачки комбинезон, ракавици и патики.