fbpx

Aston Martin официјално го претстави V12 Speedster

Aston Martin го претстави својот необичен двосед без никакви стакла и покрив чија цена ќе изнесува вртоглави 950.000 долари

Британскиот производител го претстави својот најнов модел кој е плод на имагинацијата на инженерите и дизајнерите во Aston Martin, а го носи името V12 Speedster. За овој необичен микс на моделите DBS Superleggera и Vantage на прославената британска компанија, кој неодоливо потсетува на тркачките модели од педесетите години на минатиот век според деталите кои ги доби, во специјалниот оддел Q на Aston Martin потрошија цели 12 месеци за развој и производство, за да се добие производ во уникатно пакување.

Стилот го комбинира старото и новото, со оглед на тоа дека се видливи влијанијата на 1953 DB3S и 1959 DBR1 кои се спојуваат со поновиот CC100 Speedster концепт од 2013 година. V12 Speedster го максимизира уживањето во ветровитото возење со тоа што воопшто нема покрив, ниту било какво стакло. Со цел да се заштеди што е можно повеќе на тежината, поголемиот дел од каросеријата е изработена во карбон, кој исто така е употребен во внатрешноста каде возачот и совозачот се одделени со нешто што во Aston Martin го нарекуваат ‘рбет, слично како во Ferrari Monza SP2. Внатрешноста е вистинско ремек дело и комбинира кожа со хромирани детали, алуминиум, па дури и 3D-испечатени гумени делови, додека отстранливата кожна торба ја заменува конвенционалната автокасета. Зад потпирачите на седиштата се наоѓаат и два мали багажници за возачот и совозачот.

Aston Martin V12 Speedster е поставен на 21-инчни тркала и интересно е што пристигнува без никакви стакла, вклучително и ветробранско, а засега не се споменува опција дека истото може да се добие со доплата, како што е случајот кај McLaren Elva. Овој необичен модел на Aston Martin се напојува со 5,2-литарски V12 мотор кој со помош на двата турбополначи на задната осовина испорачува нешто повеќе од 700 КС и 753 Nm максимален вртежен момент. За преносот на силата е задолжен осумстепениот ZF автоматски менувач. V12 Speedster од нула до „стотка“ стигнува за 3,5 секунди и развива електронски ограничени 300 километри на час.

Aston Martin V12 Speedster пристигнува со концептуална спецификација со авијациска тематика позајмена од F/A-18 Hornet. Автомобилот кој го прикажаа од британската компанија доаѓа со Skyfall сребрена боја, а контрастот го надополнуваат црните двојни издувни цевки во центарот на задниот браник, додека ентериерот комбинира црна кожа со црвени рачки на вратите. Доколку сето тоа ви се допаѓа, од Q со задоволство ќе ви направат и „униформа“ од истите бои и материјали која ќе можете да ја носите додека го возите овој автомобил

Првите испораки за заинтересираните купувачи, кои за ова ремек дело ќе мора да платат 950.000 долари, се планирани за првиот квартал на идната година, а Aston Martin ќе го ограничи производството на само 88 примероци.

Поврзани вести

Back to top button