Електричните автомобили не се привлечни за просечниот потрошувач
Првиот човек на PSA групацијата, Карлос Таварез, смета дека електричните модели не се во фокусот на просечниот потрошувач
Карлос Таварез истакна дека возилата напојувани исклучиво со електрична енергија се уште не го достигнале својот максимален потенцијал на продажба поради тоа што просечните потрошувачи не ги привлекуваат новите трендови, туку електричните автомобили ги купуваат исклучиво „зелените ентузијасти“. Поради тоа, според него, во моментов постои така мал пазар за електричните возила, а прагматистите не се заинтересирани за преоѓање на алтернативните возила.
Шефот на PSA групацијата истакна дека постојат голем број причини за бавниот раст во EV сегментот, но дека купувачите најмногу се загрижени за брзината на полнењето на батериите, потоа недоволно развиената инфраструктура кога станува збор за јавните полначи. Истовремено, Таварез е уверен дека како една од поголемите грижи на потенцијалните купувачи им претставува цената на електричната енергија на долгорочно ниво. Тој е загрижен за оваа состојба, особено поради фактот што Ionity од јануари ги покачи цените за полнење на своите станици.
„Битката започна за електричните автомобили да станат значително поевтини во периодот до 2025 година“, изјави Таварез и додаде дека досега во голем број земји се покажало дека со укинувањето на субвенциите за електричните модели доаѓа до целосен колапс на овој сегмент од пазарот. Но, како што тврди тој, PSA групацијата веќе го пронашла решението за овој проблем – „Затоа направивме нови платформи кои можат да ги користат конвенционалните, хибридните и електричните автомобили. Веруваме дека тоа е решението за овој проблем“, истакна Карлос Таварез.