fbpx

BMW става крај на производството на моделот i8

Германскиот производител на автомобили најави крај на славната серија на електрифицираниот спортски автомобил BMW i8

Хибридниот спортски автомобил долго време беше знаменосец на BMW кога станува збор за електрифицираните возила, а сега заминува во заслужена пензија. Германскиот производител потврди дека последниот примерок на BMW i8 ќе се симне од производните ленти кон средината на следниот месец. BMW засега не даде детални информации околу потенцијален наследник на овој автомобил, но тоа дефинитивно нема да биде уште еден plug-in хибриден модел, туку целосно електричен автомобил. Овој електричен модел ќе биде заснован на концептуалниот M Vision Next кој беше претставен минатата година.

BMW уште во септември 2019 година срамежливо го најави крајот на својата i8 серија, но баварскиот гигант во ниту еден момент не соопшти точен датум, а сега е познато дека тоа ќе се случи кон средината на април. Купе верзијата на овој модел се продаваше за 147.500 долари, додека i8 Roadster чинеше 163.300 долари. Кога станува збор за M760i xDrive, неговата цена изнесуваше 157.700 долари.

BMW i8

Наследникот на i8 ќе биде целосно електричен автомобил

BMW беше меѓу првите производители во Европа кој го забележа потенцијалот на електричните и хибридните модели, па во 2014 година ја основаше „i“ линијата на возила. Првенец на ова семејство автомобили беше токму i8 кој дебитираше во 2014 година, кога автомобилот произведуваше 357 КС и 570 Nm. Пред тоа, i8 за прв пат се појави како концепт во 2009 година на Салонот за автомобили во Франкфурт. Но, тој концептен модел користеше дизел SUS агрегат, додека серискиот модел имаше 1,5-литарски турбо трицилиндричен бензински мотор.

Хибридниот спортист i8 во текот на својата кариера доживеа и една рестилизација и тоа во 2018 година, кога во понудата беше уфрлена и кабрио верзија на автомобилот, а оваа верзија имаше батерија од 11,6 kWh и 369 КС. Колку точно i8 модели се продадени досега не е познато, но BMW во декември 2019 година потврди дека се испорачани 20.000 единици, што значи дека финалната бројка се очекува да биде нешто поголема. Со овие бројки, i8 ќе стане убедливо најпродаваниот спортски модел на BMW. Легендарниот M1 имаше 399 примероци, додека следен на листата е Z8 со 5.000 произведени единици.

BMW потврди дека наследникот за i8, спортскиот целосно електричен автомобил, ќе пристигне на пазарот во следните пет години.

Поврзани вести

Back to top button