fbpx

Opel ќе ја враќа легендарната Manta, но со електричен погон

Opel Manta оваа година го слави својот 50-ти роденден, а по тој повод се огласи и шефот на германскиот бренд кој вети враќање на култниот автомобил на големата сцена

Легендарниот автомобил на Opel, моделот Manta, оваа година слави 50 години постоење. По тој повод пред јавноста се огласи и актуелниот шеф на германскиот бренд, Михаел Лошелер кој вети враќање на овој автомобил на големата сцена, но со една важна специфичност, а тоа е дека новата Manta ќе пристигне со електричен погон. Судејќи по начинот на кој што сето ова е соопштено, може да се заклучи дека во Opel имаат големи планови за ова култно купе. „Имаме многу идеи за тоа како би можеле повторно името Opel да го исполниме со топла емоција“, изјави Лошелер.

Кога станува збор за Opel Manta, во Германија постои една навистина парадоксална ситуација. Имено, додека овој модел од една страна се смета за култен, од друга страна истиот, благо речено, е предмет на потсмев. Opel Manta е планиран како модел кој требаше да ја искористи популарноста на сегментот pony cars, чиј најпознат претставник е Ford Mustang.

Opel Manta

И покрај тоа што Manta често беше дел од голем број шеги, автомобилот доживеа голем пазарен успех и продаден е, само во Германија, во 470.000 примероци. „Сакаме во актуелниот момент да доведеме сето она добро што Opel во минатото го направил, а тоа вклучува и пренасочување на Manta во иднината. Самата идеја за Manta е веќе одлична“, додаде Лошелер.

Конкретно, прототипот GT X Experimental кој беше претставен во 2018 година, по се судејќи, ќе биде интерпретација на новото издание на Opel Manta. Овој концептен модел поседуваше електричен погон, па токму тоа беше причината за да се јави верувањето дека станува збор за новата Manta.

Manta би можела да добие сосема поинаков облик

Меѓутоа, со оглед на тоа дека спортските кросовери се сметаат за неизбежен дел од идниот успех на брендот, така и GT X Experimental беше припадник на SUV сегментот, убедувајќи ја јавноста дека попрво се работи за наследник на Mokka X, отколку било кој друг модел.

Како и да е, конкурентските компании на Opel покажаа дека е возможно повторно да се користат некогаш славните имиња и тоа со голем успех. Ford неодамна го оживеа називот Puma, со тоа што новајлијата не припаѓа во класата на мали купе автомобили, како што некогаш беше случајот со оригиналната Puma, туку станува збор за мал кросовер. Слична е ситуацијата и со легендарниот Mustang. Некогашниот, па и актуелниот спортски автомобил исто така доби возвишување и мутираше во насока на кросовер, притоа добивајќи го називот Mustang Mach-E. Покрај тоа, и овој американски кросовер поседува исклучиво електричен погон, така што искуствата наведуваат на тоа дека легендарната Manta би можела да се врати во игра, но во сосема нов облик и со целосно електричен погон.

Во секој случај, за повеќе детали ќе мораме веројатно да почекаме на првиот концептен модел од Opel и првите официјални најави за производство на обновениот легендарен автомобил.

Поврзани вести

Back to top button