fbpx

Volkswagen го претстави необичниот T-Roc Cabriolet

Volkswagen T-Roc ќе пристигне во кабриолет верзија на пазарот во Германија што е одлична вест за сите љубители на овој вид возила

Кросовер кабриолетите се вистинска реткост во автомобилската индустрија, а еден таков сосема нов пристигнува во продажните салони. Volkswagen очигледно е дека немаше среќа со својот тајминг околу лансирањето на моделот T-Roc Cabriolet во Европа, со оглед на околностите, но и покрај тоа, овој модел сигурно ќе привлече огромно внимание, со оглед на тоа дека ќе биде атрактивна замена за Golf кабрио, кој доживеа огромна популарност на Стариот континент. Официјалната продажба на овој специфичен автомобил ќе започне во Германија и другите земји од Европа во петок на 20 март.

Со оглед на тоа дека Volkswagen веќе некое време го нема Golf кабрио во својата понуда, T-Roc Cabriolet би можел да ја пополни таа празнина, особено ако се знае дека купувачите се повеќе се насочени кон кросовер и SUV возилата. Овој компактен кросовер со отворен покрив се разликува од стандардната верзија на моделот T-Roc и поради тоа што пристигнува со две врати помалку, а платнениот покрив може да се крене или спушти за само 9 секунди. Истото може да се направи и при возење, но само при брзини до 30 километри на час. Подвижниот покрив влијаеше и на намалување на багажникот, па неговиот капацитет кај кабриолет верзијата изнесува 280 литри.

T-Roc Cabriolet

T-Roc Cabriolet со две моторни опции

T-Roc Cabriolet стандардно се испорачува со 17-инчни алуминиумски фелни, а со доплата на располагање се и опциони тркала со пречник од 18 и 19 инчи. Понудата на мотори се состои од два бензинци. Базичниот е трицилиндричниот 1.0 TSI со 115 КС и 200 Nm, во комбинација со шестстепен мануелен менувач. Негова алтернатива е 1,5-литарскиот четирицилиндричен TSI со 150 КС и 250 Nm максимален вртежен момент. Купувачите ќе можат да избираат меѓу шестстепениот мануелен и седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка.

За разлика од стандардниот T-Roc модел, кабриолетот не е достапен со опцијата 4Motion погонот на сите четири тркала. Цената во Германија стартува од 27.495 евра, колку што чини T-Roc Cabriolet Style, додека подобро опремениот R-Line чини 32.810 евра.

Поврзани вести

Back to top button