Tesla Model 3 против AMG GT 63 S во драг трка на влажна патека
Нова интересна драг трка меѓу електрично возило и автомобил со конвенционален мотор, а на мегдан се најдоа Tesla Model 3 и AMG GT 63 S
„Војната“ помеѓу моторите на внатрешно согорување и електричниот мотор продолжува со уште една возбудлива трка меѓу Tesla и перформантен автомобил со SUS агрегат. Овој пат, „рамо до рамо“ се најдоа Model 3 Performance против еден од „најжешките“ четиривратни возила на пазарот денеска, Mercedes-AMG GT 63 S.
Двата автомобили и не можат да бидат поразлични, а единствената сличност им е што моќноста на моторите се пренесува на сите четири тркала. Tesla Model 3 доаѓа со систем од два мотори кои генерираат 450 КС и 639 Nm. На спротивната страна пристигнува Mercedes AMG со својот 4,0-литарски V8 twin turbo мотор со 630 КС и 900 Nm максимален вртежен момент. На хартија, двете возила од нула до „стотка“ стигнуваат за исто време.
Еден многу важен фактор во оваа трка е што истата се одржува на влажна патека. Целосно електричниот седан се покажа како одличен во сите услови и ова му дава одлична предност на стартот. Од друга страна, не може да се каже истото за AMG GT 63 S чиј контролен систем знае да се однесува чудно во дождливи услови.
Со оглед на тоа, на стартот од трката, Tesla Model 3 добива сериозно водство и се чини дека ќе ја однесе победата. Сепак, многу помоќниот AMG GT 63 S успева да го пристигне својот конкурент благодарение на монструозниот V8 и доаѓа до многу, многу тешка победа.