BMW потврди дека Серија 7 ќе добие чисто електричен погон
BMW најави дека ќе се фокусира на хибридни и електрични возила, а сега потврди дека најмоќните модели од Серија 7 ќе бидат целосно електрични
Пред неколку дена германскиот производител на автомобили BMW соопшти дека планира укинување на извесен број конвенционални мотори со внатрешно согорување од својата понуда, почнувајќи од идната година. Тоа подразбира целосно насочување кон хибридните и електричните решенија, но тука постоеше нешто што никој не го знаеше, а сега е потврдено – BMW Серија 7 ќе добие и чисто електричен погон.
Оваа одлука не треба да претставува изненадување, со оглед на успехот кој Tesla го доживеа со Model S и моделите кои следуваа, во ова друштво ќе се приклучи и Jaguar кој на новата генерација XJ ќе постави литиум-јонски батерии и поставка со два електромотори налик на онаа кај I-Pace кросоверот.
BMW „меѓу редови“ во опширниот прес материјал потврди „четири различни типови на погон“ за наследниците на G11 и G12. Суштината е во тоа што треба да се очекува „високоефикасен дизел агрегат или бензински автомобил“, како и „електрифициран plug-in хибрид и по прв пат целосно електричен BEV“. Но, BMW се пофали и со „петтата генерација електричен погон“ за i7. eDrive ќе дебитира во iX3, а според Баварците, станува збор за единица развиена во компанијата и високонапонска батерија, дизајнирана да биде флексибилна.
Дизел и бензинските мотори ќе „преживеат“
Автономијата е еден од приоритетите на германскиот производител, а eDrive од петтата генерација успева да се избори со овој параметар, со оглед на тоа дека нуди до 700 километри домет со едно полнење. До 2023 година минхенскиот конгломерат планира да испорача 25 електрифицирани модели. Повеќе од половина би требало да бидат чисто електрични возила.
Во меѓувреме, извршниот директор на компанијата Оливер Ципсе, официјално ги објави плановите за новата Серија 7 на годинешната конференција и стави крај на шпекулациите. Како што е и очекувано, во рамките на оваа серија ќе бидат произведени и автомобили кои ќе бидат целосно електрични. Освен тоа, Ципсе потврди и дека ќе бидат направени и нови дизел и бензински автомобили.
„Сите погонски склопови ќе бидат поставени на една архитектура, а најмоќните возила од Серија 7 ќе бидат целосно електрични“, нагласи Ципсе.
BMW се фокусира кон лансирањето на i4
Во моментов BMW M760i се напојува со 6,6-литарски V12 мотор со тандем турбо полначи, со погон на сите четири тркала и 600 КС, кој од нула до „стотка“ стигнува за 3,7 секунди и постигнува максимална брзина од 250 километри на час. BMW Серија 7 веројатно нема да има V12 и V8 мотор и електричните возила од оваа серија веројатно ќе бидат уште побрзи и помоќни.
Одлуката на компанијата BMW да произведе возила со различни технологии за возење ќе помогне во транзицијата на овој бренд кон целосно електричните возила. Ципсе не изнесе повеќе детали за BMW Серија 7 2022, како што е цената во однос на директниот ривал во категоријата на електрични возила, Tesla Model S. BMW M760i денеска чини околу 170.000 евра, додека најскапиот Model S држи цена од 100.000 долари.
Иако Серија 7 во моментов се развива, BMW се фокусира на деталите во врска со лансирањето на првата i4 целосно електрична лимузина. Овој модел ќе биде претставен во сериска форма идната година, а ветува домет до 600 километри, 530 КС и капацитет на полнење од 150 kW. BMW i4, кој треба да го замени BMW Серија 4 Gran Coupe, ќе го задржи изгледот на купе со четири врати кој им се допаѓа на многумина.