Volkswagen го претстави „хипи“ електричниот e-Bulli
Volkswagen ја претстави електричната верзија на својот култен модел T1 Samba Bus, кој го доби името e-Bulli
Volkswagen Commercial Vehicles ја претстави електричната верзија на својот класик од 1966 година, моделот Т1 Samba Bus, проект кој доаѓа во соработка со компанијата eClassics, а моделот го доби името e-Bulli.
Volkswagen T1 Samba Bus може да се пофали со погон кој го имаат и останатите електрични возила на VW. Моделот од фотографиите не е единствената верзија на популарното камперско комби кое својата популарност ја стекна ширум светот најмногу во периодот на хипи движењето во шеесетите години на минатиот век, кое сега се движи на струја. Компанијата eClassics како партнер на VW Commercial Vehicles планира да понуди слични модификации на T1 и T2, а ќе се изработуваат по примерот на e-Bulli.
Инаку, компанијата eClassics при преработката на овие модели на VW ја менува оригиналната шасија со своја, која вклучува 35 kWh батериски пакет и електричен мотор чија моќност се пренесува на задните тркала, исто како кај оригиналот.
Инаку, новиот Volkswagen e-Bulli требаше да ја доживее својата пермиера на Саемот во германскиот град Есен. Сепак, компанијата одлучи да го претстави на интернет по откажувањето на манифестацијата поради пандемијата на коронавирусот. Електричното комбе го напојува мотор со моќност од 82 КС наместо четирицилиндричниот мотор од 43КС. Од eClassics нудат и помоќна верзија со 100 КС. Со двојното зголемување на моќноста и вртежниот момент јасно е дека e-Bulli се движи побрзо од своите предци. Максималната брзина на електричната верзија е ограничена на 130 километри на час со цел да се заштити батеријата. За споредба, T1 со бензинскиот мотор има максимална брзина од 105 километри на час. Моторот и батериите се снабдени од Volkswagen и се мошне слични на оние кои производителот ги нуди кај e-Up! електричниот градски автомобил.
Електромоторот има едностепен менувач со лост запчаници поставен под предното седишта. Како и кај класичното комбе, електромоторот и менувачот се поставени во задниот дел од VW e-Bulli. Литиум-јонската батерија од 45 kW/h е поставена во централниот дел на подот. Со оваа батерија се овозможува автономија од 200 километри со едно полнење. Со употреба на DC полнач со моќност на полнење од 50 kW, батеријата може да се наполни до 80% за 40 минути.
Шасијата на e-Bulli исто така доживеа модификации, со цел на сопственикот да му овозможи ново искуство во текот на возењето. Редизајнот е очигледен и во користењето на осовини со повеќе врски, амортизери со опции за подесување и четири кочници со внатрешна вентилација. Надворешниот изглед на возилото го краси портокалова нијанса – Energetic Orange Metallic и Golden Sant Metallic MATTE бои, предни округли LED светла и задни LED светла кои служат како индикатори за полнење.
Кога станува збор за дизајнот на внатрешноста, e-Bulli може да се пофали со новини во однос на своите претходници. Моделот се одликува со двобојна Saint Tropez и Saffrano Orange шема. Подот е изработен од полно дрво. Тука е и нова автоматска рачка за менувачот, како и копче за стартување и запирање на електромоторот. Брзинометарот доби и мал дигитален екран, а возилото доби и таблет поставен на покривот и современ аудиосистем во ретро стил.
Заинтересираните купувачи за e-Bulli ќе мораат да издвојат 64.900 евра. Се очекува и Т2 и Т3 електричните комбиња да бидат во истиот ценовен ранг.