Ford и FCA ќе произведуваат респиратори, маски и заштитни визири
Американските автомобилски гиганти вклучија дел од своите производствени ресурси во борбата против ширењето на коронавирусот
Како што пандемијата на коронавирусот се повеќе се шири низ САД, во производство на заштитни средства и медицинска опрема се вклучуваат и компаниите кои немаат никаква врска со оваа дејност. Така, Ford и FCA (Fiat Chrysler Automobiles) соопштија дека во следниот период ќе изработуваат и медицинска опрема, нешто што се најавуваше во претходните денови низ медиумите.
Ford се здружи со компаниите 3M и GE Healthcare, со цел да се вклучи во процесот на производство на респиратори кои се клучни за животите на оние кои се најтешко погодени од новиот коронавирус и болеста Covid-19. Овој американски производител на автомобили планира да ги искористи сопствените веќе постоечки компоненти, како што е системот за вентилација на седиштата во камионетот F-150, кои можат да се преработат и да се искористат за медицинските респиратори.
Освен тоа, Ford веќе започна да прави и заштитни визири за медицинскиот персонал кој го покрива целото лице и со тоа се намалува шансата да дојде до инфекција преку очите, што исто така се покажа дека е возможно со новиот вирус, со што на удар се најдоа и медицинските лица кои се на првата линија од фронтот на борбата со Covid-19. Само во текот на оваа недела во погонот во Мичиген ќе бидат произведени 75.000 од овие визири, а Ford наведува дека во иднина ќе може да направи преку 100.000 парчиња неделно.
FCA ќе произведува заштитни маски
Од друга страна, Fiat Chrysler Automobiles исто така се вклучи во борбата против пандемијата на коронавирусот и најави производство на преку милион заштитни маски месечно. Опремата за нивната изработка ќе биде инсталирана во фабриките на FCA оваа недела, по што ќе започне и производството.
На почетокот маските ќе им бидат донирани на припадниците на брзата помош и итните служби кои први стапуваат во контакт со заразените, како и на болниците и здравствените установи ширум САД, а комапнијата во следните денови ќе ги соопшти и дополнителните планови и иницијативи во борбата против коронавирусот.