Hyundai со нови фотографии и детали за Prophecy
Hyundai кон почетокот на март го претстави својот концепт Prophecy, а сега објави нови фотографии и детали од овој футуристички автомобил
Дебитантскиот настап за концептот Prophecy беше навистина скромен бидејќи Салонот за автомобили во Женева, каде што оригинално требаше да се случи премиерата, беше откажан, а Hyundai преку дигитални канали објави само неколку статични фотографии. Меѓутоа, корејскиот производител сега го надомести сето тоа и го прикажува својот концепт во едно поинакво светло, споделувајќи нови фотографии и повеќе детали.
Впечатлив е изгледот на Prophecy кој неодоливо потсетува на моделите на Porsche, а од Hyundai истакнуваат дека заоблениот изглед е инспириран од дизајнот на купе возилата од дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. Сепак, не треба да се очекува еволуција на ваквиот дизајн кој би станал дизајнерски јазик на овој бренд.
Освен екстериерот, Prophecy доаѓа и со импресивна внатрешност. Замислен е како автомобил кој користи автономни системи на возење, но е овозможена и мануелна контрола. Наместо управувач, доби два џојстика, а 90 проценти од системот на автомобилот се контролира со помош на копчиња на споменатите џојстици така што возачот ретко мора да го пушти.
Кога станува збор за технологијата, Prophecy има екран кој се протега низ целата арматурна плоча и нуди одлична прегледност благодарение на изоставувањето на класичниот управувач. Екранот може да се реконфигурира за забава кога е активен режимот за автономно возење, па така кабината се претвора во простор за релаксација. Голем придонес имаат и паметните седишта кои овозможуваат автоматско позиционирање на основа на висината и тежината на патникот. Една работа е невозможна да се направи, а тоа е да се спуштат прозорците. Наместо тоа, Prophecy го собира воздухот кој се филтрира и пропчистува дури и кога нема никој во автомобилот.
Кога станува збор за погонот, познато е само дека е електричен, а автомобилот е базиран на E-GMP платформата на Hyundai.