fbpx

Porsche подготвува нова, поевтина варијанта на Taycan

Германскиот производител Porsche е одлучен во намерата да додаде уште една верзија на моделот Taycan, за да им даде поголем избор на потенцијалните купувачи

Овој планиран новитет воедно би требал да биде и стартен модел во семејството Porsche Taycan. Овој иден електричен седан ќе има погон само на задните тркала, за разлика од остатокот од гамата. Шефот на Porsche за истражување и развој, Михаел Штајнер, потврди дека новата варијанта ќе има и батерии со помал капацитет.

„Логиката во врска со Taycan кој би имал погон само на задните тркала е едноставна – постојат места каде временските услови не бараат возила со погон на сите тркала, како што е на пример Кина“, изјави Штајнер.

Доколку се суди според зборовите на Штајнер, тогаш постои можност оваа верзија на електричниот седан да биде достапна само на одредени пазари како што е кинескиот. Освен тоа, овој воведен модел ќе биде воедно и најевтиниот Taycan во гамата. Поради тоа, покрај помалите батерии се очекува и присуство на само еден електромотор – што понатаму имплицира дека овој Porsche Taycan ќе располага со значително помала моќност од останатите модели, односно ќе испорачува далеку помалку од 522 КС, колку што има 4S изданието.

Најевтиниот Taycan би требало да се појави на пазарот во 2021 година. Сепак, пред тоа ќе имаме шанса да видиме уште еден додаток во електричното портфолио на Porsche. Пред крајот на годината би требало да пристигне Taycan Cross Turismo, караван со зголемен клиренс од кој германската компанија очекува многу кога станува збор за продажните резултати.

Поврзани вести

Back to top button