Новата Opel Mokka пристигнува во целосно електрична верзија
Opel ги објави првите тизери за целосно новата генерација на кросоверот Mokka, кој ќе пристигне и во целосно електрична верзија
Opel го објави првиот тизер за целосно новата Mokka како најава за „напуштање“ на актуелната генерација не само кога станува збор за дизајнот, туку и самото име на моделот. Како што може да се забележи од видеото и фотографиите кои ги објави германскиот производител, малиот кросовер ќе добие значително поостар изглед инспириран од 2018 GT X експерименталниот концепт.
Новата Opel Mokka пристинува, а иако се уште под камуфлажа, новата генерација на овој кросовер е подготвена за важните инженерски тестови пред премиерата. Opel најавува дека Mokka ќе биде целосно нова, со нова технологија и возилото во моментов минува низ темелни тестови пред да биде претставена на пазарот. Според најавите од германскиот производител, производството на автомобилот ќе започне во четвртиот квартал од годинава.
Германскиот производител не објави многу конкретни детали околу новата Mokka, но се очекува новиот модел да биде поставен на платформата создадена од PSA Peugeot Citroen. Станува збор за CMA платформата, што значи дека втората генерација на Mokka ќе има многу заеднички детали со Peugeot 2008 и DS3 Crossback.
Во однос на претходната генерација, која дебитираше во 2012 година и забележа одлични продажни резултати, новата Mokka се очекува исто така да импресионира со своите димензии и изглед, со својата стабилност, а се најавува многу попрогресивен и помодерен пристап. Oд Opel најавуваат дека новата Mokka ќе биде дури и поприлагодлива за градското возење.
Електричната верзија ќе има приоритет
Германскиот производител истакнува дека новата Mokka ќе пристигне и во целосно електрична верзија како и дека компанијата ќе му даде приоритет токму на електричниот модел кој ќе прв ќе се најде во продажба кон почетокот на 2021 година. Како што е случајот и со „француските роднини“, конвенционалните мотори се уште ќе бидат во понудата за оние кои ќе се одлучат за традиционалните агрегати.
Извршниот директор на Opel, Мајкл Лохшелер истакнува: „Два и пол години многу внимателно го следив развојот на новата Mokka и сум горд на овoj нов Opel, што ќе биде електричен од самиот почеток! Можам да ветам дека новата Mokka ќе биде еден од највозбудливите автомобили во нашата долга историја! Оваа втора генерација покажува сè што Opel се залага денес и во иднина тоа ќе ја промени перцепцијата за нашиот бренд. Нашите инженери сè уште имаат важна работа, но јас очекувам наскоро да ја претставам новата Mokka“.
Се очекува новата Opel Mokka да нуди 1,2-литарски трицилиндерски турбо бензински мотор со 100, 130 и 155 КС, заедно со 1,5-литарски четирицилиндерски дизел со 100 и 130 КС. Електричниот модел најверојатно ќе се напојува со електричен мотор од 136 КС и батерија со капацитет од 50 kWh со што би требало да се обезбеди автономија од 322 километри.
Кога станува збор за внатрешноста, Opel открива дека новата Mokka ќе пристигне со целосно дигитализиран ентериер, како и дека дизајнерите обрнале особено внимание да се редуцираат непотребните елементи, односно да се задржат само есенцијалните компоненти. Тоа значи дека автомобилот ќе добие целосно дигитален инструмент кластер и голем екран од инфозабавниот систем со кој ќе се заменат дел од конвенционалните копчиња и команди.
Од Opel ветуваат дека ќе ја претстават целата нова Mokka наскоро, поради што може да се очекува светската премиера да се случи во следните недели или месеци.