Klassen ја претстави продолжената, „тенк“ верзија на Range Rover
Најновиот производ кој пристигнува од германската компанија Klassen нуди луксузно и безбедно опкружување за високи државни службеници и оние кои така се чувствуваат
Klassen е најпознат по своите адаптации на луксузните модели на Mercedes кои вклучуваат значително поголемо меѓуосовинско растојание, но и каросериски елементи и компоненти отпорни на различни видови муниција, а сега германската компанија нуди слични концепти во комбинација со неколку модели од други автомобилски брендови, меѓу кои и Lexus, Bentley, Rolls-Royce и Land Rover.
Последната подвижна „тврдина“ на Klassen е базирана на најлуксузната верзија на Land Rover Range Rover Autobiography. Вкупната должина на автомобилот по преработката од страна на компанијата изнесува нешто повеќе од 6,2 метри, а меѓуосовинското растојание изнесува 4,13 метри, што е доволно за четири фотелји зад предните седишта кои можат да се ротираат, па VIP патниците можат да бидат насочени едни кон други. За оние кои не сакаат толку „гужва“, постои опција со две седишта и речиси „бесконечен“ простор за нозете, а вклучен е и голем дигитален екран.
Безбедносното опкружување за патниците во конкретниот случај подразбира ниво на VR8 оклоп кој нуди заштита од муниција со калибар 7,62 милиметри од далечина од 10 метри, а на споменатата муниција се отпорни и гумите кои во себе ќе содржат доволно воздух за поминување на 80 километри до брзина која не надминува 80 километри на час.
Klassen за целосно опремениот Range Rover XXL постави цена од 750.000 евра, што колку и да изгледа астрономски, сепак не би требало да претставува посебен проблем за клиентите за кои овој модел е првично наменет.