fbpx

Трансфер „вртелешка“ во F1: Саинц во Ferrari, Рикардо во McLaren

Со потврдата за разделба меѓу Ferrari и Себастијан Фетел започнаа и возачките „реновирања“ во најбрзиот циркус на планетата

Откако Scuderia Ferrari и Себастијан Фетел официјално потврдија дека нема да ја продолжат соработката по завршувањето на сезоната, започнаа големите промени во F1 кога станува збор за изгледот на тимовите за следната сезона. Како најсериозен наследник на Фетел во Ferrari се споменуваше Карлос Саинц Јуниор, а сето тоа денеска доби и официјална потврда.

Шпанскиот возач од четврток и официјално стана нов возач на Ferrari. Тој ќе го замени четирикратниот светски Formula 1 шампион Себастијан Фетел. Саинц потпиша договор на две години со италијанскиот тим и ќе биде новиот тимски колега на Шарл Леклер. Младиот возач од Мадрид ќе биде третиот Шпанец кој ќе се најде во Scuderia Ferrari по Алфонсо де Портагo и Фернандо Алонсо кој пет години беше дел од италијанскиот тим.

„Задоволен сум што можеме да објавиме дека Карлос ќе му се приклучи на Ferrari во 2021 година. Со пет сезони зад себе, Карлос покажа дека е талентиран и покажа дека има технички можности и вистински особини да биде токму тоа што му е потребно на нашето семејство. Ова ќе биде едно долго патување. Нема да биде без потешкотии, особено ако се земе предвид финансиското регулирање. Сепак, веруваме дека спојувањето на талентите и личностите кои ги поседуваат Карлос и Шарл, најмладата двојка на Scuderia во последните 50 години, ќе биде најдобрата можна комбинација“, изјави шефот на Ferrari, Матија Биното.

Карлос Саинц Јуниор има 25 години, а во Formula 1 е од 2015 година кога беше дел од тимот на Toro Rosso. Во текот на 2017 година стана дел од тимот на Renault чиј член беше и во 2018 година. Своите најдобри изданија да ги прикаже во текот на минатата сезона во McLaren. Тогаш заврши како шестопласиран со 96 освоени бода, а на трката за Големата награда на Бразил го постигна најголемиот успех во кариерата освојувајќи го третото место.

„Многу сум среќен што ќе бидам дел од Ferrari и ќе го возам овој болид во 2021 година. Навистина сум возбуден поради иднината со овој тим. Имам важна година во McLaren и едвај чекам да се тркам за нив оваа сезона“, изјави Саинц.

Карлос Саинц е син на легендарниот шпански возач кој беше светски шампион во рели во 1990 и 1992 година, а три пати беше освојувач и на релито Дакар.

Renault не го продолжи договорот со Рикардо, McLaren ја зграпчи шансата

Со преселбата на Карлос Саинц во Ferrari, јасно е дека мораше да реагира и McLaren. Британскиот F1 тим ја искористи шансата откако Даниел Рикардо не го продолжи договорот со Renault и ќе го доведе во своите редови од следната сезона. Рикардо ќе биде дел од тандемот со Ландo Норис. Така, по две години во Renault, Рикардо ќе седне во болидот на McLaren од 2021 година како замена за Саинц кој се сели во Ferrari.

„Ангажманот на Даниел е чекор напред во нашиот долгорочен план. Ова ќе донесе возбудлива нова димензија во тимот во кој е и Ландо Норис. Тоа е добро за нашиот тим, партнерите и секако навивачите. Сакам да му се заблагодарам на Карлос за одличната работа во McLaren и што ни помогна во нашето опоравување. Тој е тимски играч и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави извршниот директор на McLaren Зек Браун.

Рикардо е во F1 од 2011 година кога дебитираше за Hispania Racing, а истовремено беше и возач на Toro Rosso. За Toro Rosso возеше во 2012 и 2013, потоа прејде во Red Bull каде мина пет сезони. Пред 2019 година се пресели во Renault каде што ги забележа и најдобрите настапи. Со овој тим ќе се раздели по завршувањето на актуелната сезона која сѐ уште не е ни започната поради пандемијата на коронавирусот.

И покрај оваа „трансфер вртелешка“, не се очекува тука да застане се. Сѐ уште се очекува за тоа каде Себастијан Фетел ќе ја продолжи својата кариера. Најверојатно тој нема да се врати во Red Bull од каде истакнаа дека немаат доволно пари за неговиот договор. Како опција се споменува и Renault, меѓутоа францускиот тим би можел да го врати и Фернандо Алонсо во F1. Шпанецот веќе претходно најави дека би можел да се врати во 2021 поради новите правила кои ќе стапат на сила. Сепак, поради пандемијата, новите правила се одложени за 2022. Тоа би можело да ги искомплицира плановите и желбите на искусниот Шпанец.

Поврзани вести

Back to top button