fbpx

Nissan официјално го претстави специјалниот GT-R50 Italdesign

Јапонскиот производител Nissan го претстави специјалното издание на GT-R кое настана во соработка со дизајнерското студио Italdesign

Во изминатиот период се појавуваа фотографии од прототипот и официјални рендери од продукцискиот модел, но сега Nissan официјално го претстави вистинскиот изглед на GT-R50 Italdesign. Ова е автомобилот кој двете компании сакаа да го прикажат на Салонот во Женева, но мораа да најдат план Б поради светската криза настаната од пандемијата на коронавирусот.

Иако не станува збор за новата генерација на GT-R, сепак ова специјално издание на Nissan GT-R50 Italdesign предизвика огромно внимание кај автомобилските вљубеници. Под радикално променетата надворешност во најголем дел се наоѓа истиот R35 кој е актуелен од 2007 година, но сега е со целосно нов изглед и неколку дискретни подобрувања во внатрешноста, каде се искористени материјали како карбон, кожа и алкантара, бидејќи сепак станува збор за автомобил кој ќе биде произведен во само 50 примероци.

Италијанскиот дизајн и јапонската механика делуваат како совршен спој. Јасно е дека Nissan GT-R50 Italdesign е целосно поинаков од стандардниот модел. Предницата е целосно изменета со нов браник и светлосна групација на самиот крај на возилото. На кровот се забележува мало вдлабнување на средината, додека на задната страна е поставено големо крило, а во преден план се и огромните 21-инчни тркала.

Nissan GT-R50 Italdesign

Цената е вистинска „ситница“

Во секој случај станува збор за суперавтомобил со остар изглед со пониско поставен покрив за 54 милиметри во однос на GT-R Nismo на кој е базиран овој модел.

За напојувањето е задолжен 3,8-литарскиот twin-turbo V6 мотор, кој во ова издание испорачува 710 КС и 780 Nm максимален вртежен момент, а пристигнува во комбинација со шестстепен секвенцијален менувач со двојна спојка. Поради моќноста на овој мотор, јапонските инженери вградија и далеку поголеми Brembo кочници, додека Bilstein се погрижи за изменетиот систем на потпирање.

Nissan GT-R50 Italdesign

Nissan ги отвори нарачките за овој модел уште во декември 2018 година и според нивните информации се уште има слободни примероци. Првиот автомобил ќе пристигне до среќниот сопственик кон крајот на тековната и почетокот на следната година, а цената изнесува 990.000 евра.

Поврзани вести

Back to top button