fbpx

Обновената BMW Серија 6 Gran Turismo со официјална премиера

Покрај освеженото издание на Серија 5, BMW истовремено ја прикажа и рестилизираната верзија на Серија 6 Gran Turismo

Исто како што е случајот кај Серија 5, така и Серија 6 Gran Turismo пристигнува со модифициран дизајн и обновен ентериер, а покрај тоа добива и електрифициран погон кој пристигнува во вид на благ хибриден систем и е вграден во сите моторни опции.

Димензиите остануваат непроменети и исти како што беше случајот и досега, па така должината изнесува 5.091 милиметри, ширината е 1.902 милиметри, висината 1.538, додека меѓуосовинското растојание е 3.070 милиметри. Капацитетот на багажникот е речиси идентичен како и досега, варирајќи помеѓу 600 и 1.800 литри, зависно од тоа дали задната клупа е преклопена или отворена. Сепак, најголемите визуелни промени се однесуваат на предните „бубрези“ и „фул“ LED предните светла, браниците со поголеми отвори за воздух, како и алуминиумските тркала и новите издувни цевки. Верзиите со M Sport пакетот добиваат и нов заден дифузор, но и други елементи како што е трапезоидниот завршеток на издувниот систем. Долниот отвор за воздух сега е поинаку поделен за да се нагласи ширината на возилото. Како опција BMW ќе ги нуди и адаптивните LED предни светла со matrix функција и BMW LaserLight технологија.

Освежената BMW Серија 6 Gran Turismo е стандардно опремена со BMW Live Cockpit Professional пакетот. Ова значи дека во внатрешноста се наоѓа централен инфозабавен систем со 12,3-инчен екран. Истите димензии ги поседува и дигиталната инструмент табла. Исто така додадени се и ново дизајнирани контролни копчиња на централната конзола, како и спортскиот кожен управувач со преуредени мултифункционални копчиња.

BMW Серија 6 Gran Turismo

Стандардната опрема кај BMW Серија 6 Gran Turismo вклучува и електрично прилагодливи предни седишта и кожна внатрешност. Како опција се нудат и мултифункционални седишта и задна клупа со електрично прилагодување на потпирачот за грб. Другите опции вклучуваат и нови украсни детали на внатрешноста, амбиентално осветлување со ново динамично светло, автоматски четиризонски клима-уред, панорамски покрив, Bowers & Wilkins аудио систем и најновата верзија на Rear Seat Entertainment Professional системот.

BMW Серија 6 Gran Turismo 

BMW продолжува со електрификацијата на своите модели. Сите варијанти на освежената BMW Серија 6 Gran Turismo ќе добијат 48V благ хибриден систем како дел од стандардната опрема. Благиот хибриден склоп вклучува електромотор кој има улога на стартер-генератор, а наменет е за зголемување на ефикасноста. Од BMW истануваат дека хибридниот систем додава 11 КС во автомобилот. Кога станува збор за моторите, во понудата ќе се најдат три бензински и три дизел верзии. Сите мотори ги пресретнуваат Euro 6d стандардите. Моќноста кај сите верзии се пренесува преку станадрден осумстепен Steptronic автоматски менувач кој сега е унапреден.

BMW Серија 6 Gran Turismo

Верзијата 630i Gran Turismo се напојува со 2,0-литарски четирицилиндричен бензинец со 258 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Спринтот од нула до „стотка“ се достигнува за 6,5 секунди, додека најголемата брзина изнесува 250 километри на час. Тука се и 640i Gran Turismo и 640i xDrive Gran Turismo, двата со 3,0-литарски TwinPower Turbo шестцилиндричен бензинец од 333 КС и 450 Nm. Забрзувањето до 100 километри на час изнесува 5,5 секунди за 640i, односно 5,4 секунди кај верзијата 640i xDrive.

BMW Серија 6 Gran Turismo

Кај дизел верзиите се нуди 620d Gran Turismo со 2,0-литарски четирицилиндричен агрегат со 190 КС и 400 Nm. Тука е и 630d xDrive Gran Turismo со 3,0-литарски шестцилиндричен мотор со 286 КС и 650 Nm. Следува и 640d xDrive Gran Turismo со 3,0-литарски шестцилиндричен мотор кој испорачува 340 КС и 700 Nm максимален вртежен момент.

Безбедносните и системите за асистенција на возачот исто така се унапредени кај освежената BMW Серија 6 Gran Turismo. Driving Assistant Professional е достапен како опција, а вклучува и асистенција при управувањето и следењето на сообраќајната лента. Системот за паркинг асистенција сега целосно го презема управувањето при паркирање наназад до 50 метри. Новиот BMW Operating System 7 исто така добива свое место во Серија 6 Gran Turismo.

Освежената BMW Серија 6 Gran Turismo се очекува да се појави на пазарот во јули оваа година. Основната цена изнесува 62.800 евра.

Поврзани вести

Back to top button