Audi најавува револуционерен автомобил со висока ефикасност
Audi ги откри плановите за производството на засега мистериозниот „високотехнолошки проект“ кој се крие под името Artemis
Во Audi немаат намера да се откажат од развојот на технологијата за електричните автомобили и го најавуваат високотехнолошкиот проект Artemis, односно создавање на нов оддел кој ќе работи исклучиво на развојот на електрични автомобили. Иако не се откриваат премногу детали, германскиот производител наведува дека проектот ќе му биде доделен на инженерот Алекс Хицингер, во моментов задолжен за развој на автономниот погон на Volkswagen. „Целта е брзо и без многу бирократија да се создаваат нови електрични модели за Audi“, изјави шефот на брендот Маркус Дусман.
Artemis е задолжен да создаде „нова генерација“ на електрични модели. Се најавува револуција во оваа област, но се уште не се познати повеќе детали и што точно ова значи. Задачата на Хицингер ќе биде да развие нов пионерски модел кој би можел да ги користи технолошките ресурси на останатите членови на Volkswagen групацијата. Audi прв ќе има бенефит од работата на Artemis, а потоа на ред ќе дојде и матичниот Volkswagen. Во компанијата тврдат дека автомобилот би бил заснован на новата технологија на електрични возила, со високоавтоматизиран систем за возење. Електричното револуционерно возило со висока ефикасност кое ќе настане од Artemis би можело да биде претставено веќе во 2024 година.
Artemis ќе има улога на катализатор во создавање на нов идентитет на речиси целата групација, бидејќи раководството сака поагилни брендови поспособни за лесно адаптирање на новите услови на пазарот. Одделението на Audi веднаш ќе започне со работа на развојот на новиот електричен автомобил.