ЕУ има одредени сомнежи околу спојувањето на FCA и PSA
Европскиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција е загрижен за потенцијалниот заеднички удел на FCA и PSA
Ова регулаторно тело на Европската унија е загрижено поради потенцијалниот заеднички удел кој FCA и PSA би го имале со спојувањето на пазарот на мали комбиња и можно е да побараат одредени отстапки со цел да го одобри спојувањето тешко 50 милијарди долари. Автомобилските компании, кои со спојувањето сакаат да го создадат четвртиот најголем производител на автомобили во светот, минатата недела се запознаа со она што ги загрижува луѓето во Европската комисија.
Ако FCA и PSA не успеа да ги оттргнат сомнежите на Комисијата и одбијат да понудат отстапки до крајот на неделава, до кога им е поставен рокот, договорот ќе се соочи со четиримесечна истрага. Европскиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција, кој рокот за својот прелиминарен преглед го постави за 17 јуни, одби да ги коментира овие наводи. Од Fiat останале недостапни за коментар на оваа тема, додека од PSA засега не сакаат да ги коментираат овие информации.
Издвојувањето на работењата кои се преклопуваат, што обично е барање на регулаторот со цел да се гарантира поголема конкурентност на пазарот, би можело да се покаже како незгодно за производителите на автомобили поради технички причини.
FCA и PSA сакаат да се здружат со цел да ги поделат трошоците за почисти возила во согласност со се построгите прописи за штетните емисии во ЕУ. Со нивното спојување би се обединиле брендовите на италијанскиот производител како Fiat, Jeep, Dodge, Ram, Maserati, Alfa Romeo со брендовите на француски PSA, Peugeot, Opel, Citroen и DS.