Новиот GLA сега достапен и на македонскиот пазар
Осмиот модел на Mercedes-Benz во палетата на компактни SUV возила, моделот GLA, пристигна во продажните салони во нашата држава
Откако минатата недела во продажниот салон на Мак Ауто Стар го забележавме новиот Mercedes-Benz GLB, сега имавме можност да ја „уловиме“ и најновата генерација на почетниот модел на германскиот производител меѓу осумте достапни SUV возила во својата понуда – Mercedes-Benz GLA.
GLA се напојува со ефикасен четирицилиндричен мотор, а со себе носи и систем за асистенција при возењето, најновата генерација на MBUX инфозабавниот систем, како и голема удобност. Во однос на својот претходник, новиот GLA пристигнува со голем број новини во технологијата, но и кога станува збор за димензиите. Имено, новата генерација на компактниот SUV на Mercedes е за 10 сантиметри повисок во однос на претходниот модел. Тоа овозможува поголем простор и поголема удобност во кабината. Иако станува збор за пократок модел, сепак во себе GLA содржи повеќе простор, а се истакнува и со својот „офроуд“ дизајн благодарение на елементите кои го нагласуваат SUV карактерот на возилото.
Како опција, новиот GLA се нуди и со 4Matic системот за погон на сите четири тркала. Како што напоменавме погоре, тој располага и со унапреден систем Driving Assistance. Истиот, меѓу другото вклучува и функција за предупредување при свртување и детекција на пешаци на пешачки премин. Со овој систем, новиот GLA е подготвен самостојно да реагира кога возачот не е во можност да го стори тоа.
За разлика од моделот GLB, GLA се одликува со спортски и секојдневен градски SUV. Поставен на 20-инчни тркала, новата генерација на GLA се истакнува со својата динамичност и елеганција. Кога станува збор за ентериерот, забележлив е високиот квалитет на материјали искористени за изработка на кабината. GLA се нуди со три различни опции кога станува збор за екраните. Во најниското ниво на опременост се нудат 7 инчни дигитална инструмент табла и инфозабавен систем, додека во највисокото ниво двата екрани поседуваат димензии од 10,25 инчи.
Кога станува збор за моторните единици, Mercedes го нуди новиот GLA во три различни варијанти, секоја со стандардниот четирицилиндричен мотор. Базичната понуда е GLA 200, по него следува GLA 250. На врвот на понудата е GLA 250 4Matic со погон на сите четири тркала. Сите три модели пристигнуваат со автоматски менувач. Разликата е во тоа што кај GLA 200 тој е седумстепен, додека кај преостанатите два модели е осумстепен DCT менувач.
Кај дизелите понудата е нешто поголема и тука изборот е помеѓу GLA 200d, GLA 200d 4Matic, GLA 220d и GLA 220d 4Matic. Сите модели се во комбинација со осумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Во салонот на Мак Ауто Стар имавме можност да ја забележиме верзијата GLA 200d 4Matic. Четирицилиндричниот мотор во овој случај испорачува 150 КС и 320 Nm максимален вртежен момент. Ова овозможува спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за 8,9 секунди. Максималната брзина е 205 километри на час.
Со оглед на тоа дека станува збор за модел со постојан погон на сите четири тркала, Mercedes-Benz GLA 200d 4Matic е достапен со функцијата Dynamic Select кој нуди неколку режими на возење, почнувајќи од Eco/Comford кој се заснова на сооднос на предна и задна оска на погон 80:20, потоа Sport со сооднос 70:30 и off-road режим на возење со сооднос 50:50.
За повеќе информации околу новата генерација на Mercedes-Benz GLA можете да се обратите во продажните салони на Мак Ауто Стар.