fbpx

Новиот Audi Q4 Sportback e-Tron концепт официјално претставен

Audi официјално го претстави Q4 Sportback e-Tron концептот кој е најава за престојниот продукциски модел кој ќе биде претставен идната година.

Audi Q4 e-Tron Sportback е кросовер купе верзија на Q4 e-Tron концептот, а се одликува со спортска предница со целосно затвореша решетка која е опколена со витките LED светла. Моделот исто така има и големи отвори за воздух и истакнат e-Tron беџ под решетката. Поголемите промени продолжуваат на задниот дел каде што концептот се одликува со разузданото стакло и стрмниот и опаѓачки покрив. Моделот се одликува и со спортските странички прагови и 22-инчните тркала со двобоен финиш.

Audi Q4 e-Tron Sportback

Возилото е поставено на Volkswagen MEB платформата за електрични возила, а се напојува со два електромотори кои испорачуваат вкупно 306 КС. Погонот на автомобилот е на сите четири тркала, а батериите кои ги напојуваат електромоторите имаат капацитет од 82 kWh. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 6,3 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час. Според Audi, Q4 e-Tron Sportback со едно полнење може да помине 450 километри, а ќе пристигне верзија со заден погон и речиси 500 километри автономија.

Во внатрешноста се наоѓаат дигиталната инструмент табла, инфозабавниот систем со 12,3-инчен екран, ентериер обложен во алкантара, управувач со рамен долен дел и детали во сјајно црна боја. Тука е и микрофибер тапацирот, металик украсните детали, како и елегантната централна конзола.

Audi Q4 e-Tron Sportback

Сериските изведби на Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback ќе се произведуваат во фабриката на Volkswagen во Цвикау во Германија. Volkswagen неодамна вложи 1,2 милијарди евра во оваа фабрика со цел да произведува 330.000 електрични возила годишно. Audi Q4 e-Tron Sportback ќе биде претставен во 2021 година.

https://youtu.be/vhZL07mYRL4

Поврзани вести

Back to top button