fbpx

Hyundai го откри екстериерот на Elantra N Line

Hyundai објави серија на рендери прикажувајќи ја престојната Elantra N Line, со што седанот ќе добие спортски изглед и унапредени перформанси

Уште откако Hyundai ја претстави новата Elantra во март, корејскиот производител вети дека ќе пристигне и перформансна N Line верзија. Тоа беше потврдено кон крајот на април кога беа објавени фотографии од камуфлираниот претпродукциски прототип. Денес, „маските паѓаат“ откако Hyundai објави фотографии кои ја прикажуваат надворешноста на Elantra N Line.

Elantra N Line се истакнува со уникатната верзија на каскадната предна решетка на Hyundai која му носи нов изглед на автомобилот. На двете страни од решетката се наоѓаат големи отвори за воздух, а тука е и беџот N Line кој ја истакнува спортската „природа“ на автомобилот.

Дизајнерите на Hyundai исто така подготвија и нови сребрени и црни 18-инчни тркала како и суптилни странични рабови со сјајно црн финиш. Останатите модифицикации вклучуваат и нови странични ретровизори, зголемени сопирачки, двојна издувна цевка, суптилен мал спојлер на багажникот и заден дифузер.

„Elantra N Line нуди поагресивен дизајн кој ги инкорпорира заштитните N Line црвени акценти во внатрешноста и надворешноста по атрактивна цена. Ова дефинитивно ќе ги задоволи они кои сакаат да се вклучат во Hyundai N заедницата“, изјави шефот на продукциската дивизија во Hyundai, Томас Шемера.

Производителот се уште не споделил детали за напојувањето на Hyundai Elаntra N Line, освен што потврди уште во април дека ќе има турбо мотор. Постојат добри шанси да станува збор за истиот 1,6-литарски четирицилиндричен турбо мотор кој го има кај i30 N Line, кој испорачува 201 КС и се нуди со шестстепен мануелец или седумстепен автоматски менувач со двојна спојка и погон на предните тркала.

Премиерата на Hyundai Elаntra N Line се очекува во следните месеци.

Поврзани вести

Back to top button