fbpx

Ford официјално го претстави новиот Bronco

Ford конечно и официјално го претстави долго најавуваниот нов Bronco и тоа во три различни верзии - Bronco 2-Door, Bronco 4-Door и Bronco Sport

Новиот Ford Bronco конечно се појави пред јавноста, оживувајќи го едно од најлегендарните имиња во историјата на овој американски производител. Од Ford велат дека новиот Bronco е дизајниран за функционалност, а не мода, со тоа што компанијата со години ги следела коментарите на интернет со цел да дознаат што купувачите сакаат да добијат од новиот Bronco.

Новиот чистокрвен теренец на Ford пристигнува со најголемиот клиренс во класата со 294 милиметри, како и најдобри предиспозиции и можности за преминување преку водни површини. Новиот Ford Bronco ќе биде достапен со два EcoBoost мотори – базичниот 2,3-литарски четирицилиндричен со 270 КС и 420 Nm максимален вртежен момент, како и 2,7-литарскиот V6 со 310 КС и 542 Nm максимален вртежен момент.

Ford Bronco

Два системи за 4×4

Опциите за трансмисијата вклучуваат нов седумстепен мануелец кој пристигнува како стандарден само кај четирицилиндричните модели, а тука е и 10-степениот автоматски менувач. Купувачите исто така ќе можат да бираат и меѓу два 4х4 системи. Базичниот се карактеризира со двостепен електронски трансфер, додека опционалниот напреден систем пристигнува со двостепен електромеханички трансфер со автоматскo вклучување на 4H по потреба.

Ford Bronco

Заедно со новиот Ford Bronco дебитира и новиот Trail Toobox на компанијата, опсег на технологии кои ќе ви помогнат во оф-роуд авантурите. Ова вклучува Trail Control, Trail Turn Assist како и Trail One-Pedal Drive. Двата каросериски типа на новиот Bronco ќе содржат врати без рамки кои полесно можат да се отстранат во однос на главниот конкурент, Jeep Wrangler.

Моделот со две врати ќе содржи лесно остстранлив тврд покрив, додека варијантата со четири врати ќе содржи мек покрив со четири отстранливи сектори како стандард. Опцијата со четири врати може да биде и со тврд покрив. Како додаток, купувачите ќе имаат еден куп опции за персонализација кои вклучуваат работи како различни типови на врати, модуларни челични браници со интегрирана макара, различен дизајн на предната решетка, покривна рамка, LED светлосни шипки, како и многу други работи.

https://youtu.be/-v1urLWR5zg

Ентериер со најнова технологија

Нова карактеристика во новиот Bronco е најновиот SYNC4 инфозабавен систем на Ford, кој се управува преку 12-инчниот екран на допир а содржи бежични унапредувања и оф-роуд навигација. Системот исто така користи 360-степена камера за оф-роуд набљудувачки погледи кои ја олеснуваат прегледноста на возачот во тешки услови. Новиот Ford Bronco ќе содржи и ексклузивен Terrain Management System со седум режими: Normal, Eco, Sport, Slippery и Sand, како и Baja, Mud/Ruts и RockCrawl за оф-роуд возење.

Двете варијанти на Bronco моделот се body-on-frame SUV модели, кои користат целосно челична шасија, што му овозможува на Bronco да ја понуди најдобрата патна суспензија во класата. На предниот дел се наоѓа целосно независна суспензија со Dana AdvanTEK диференцијал за подобра контрола и удобност, додека на задниот дел се наоѓа Dana 44 AdvanTEK.

Ford Bronco ќе пристигне со седум нивоа на опременост на американскиот пазар: Base, Big Bend, Black Diamond, Outer Banks, Wildtrak, Badlands, како и ограничената серија од 3.500 единици, First Edition. Севкупно, Ford ќе понуди и четири „контент пакети“, со седум нивоа на опременост, заедно со опционални карактеристики и преку 200 додатоци за дополнителна персонализација на возилото.

Ford Bronco Sport

Заедно со новата генерација на Bronco, Ford го претстави и целосно новиот Bronco Sport. Дизајниран да биде поагресивен од типичните кросовери, а сепак далеку поурбан од оригиналниот Bronco, Bronco Sport пристигнува со невообичаени оф-роуд способности во субкомпактниот сегмент.

Ford Bronco

Чистиот и едноставен дизајн е забележлив во надворешноста, а продолжува и во внатрешноста каде што се наоѓа едноставниот ентериер кој овозможува лесно управување со контролите. На централната конзола се наоѓа 8-инчниот SYNC 3 инфозабавен систем, кој е опркужен со вертикални отвори за воздух и копчиња за контрола на аудио-системот.

Ford не објави детали за опремата, но Bronco Sport ќе се нуди во пет нивоа на опременост наречени Base, Big Bend, Outer Banks, Badlands и First Edition, кој ќе биде произведен во само 2.000 примероци. Co-Pilot360 системот за возачка асистенција на Ford пристигнува како стандарден, а купувачите ќе можат да го надоградат системот во Co-Pilot360 Assist+ кој додава адаптивна круз контрола со stop & go, навигација со гласовна активација и друго.

Bronco Sport пристигнува со два различни мотори. Базичниот е 1,5-литарски EcoBoost трицилиндричен со 184 КС и 257 Nm, а за повисоките нивоа на опременост тука е 2,0-литарскиот четирицилиндричен EcoBoost со 245 КС и 372 Nm. Двата мотори пристигнуваат со осумстепен автоматски менувач. Со оглед на тоа дека го носи името Bronco, од Ford се погрижија да добие оф-роуд карактеристики со унапреден систем на потпирање и Terrain Management System со седум режими на возење, а во повисоките нивоа на опременост тука е и понапредниот 4×4 систем.

Ford се уште не ги објави цените за новиот Bronco, со исклучок за Bronco 2-Door со четирицилиндричниот EcoBoost, кој ќе чини 29.995 долари, додека цената за базичниот Bronco Sport започнува од 28.155 долари. Производството на новиот теренец ќе започне на почетокот од 2021 година, со тоа што првите модели ќе пристигнат во салоните следната пролет.

Поврзани вести

Back to top button