Nissan Ariya ја доживеа својата официјална премиера
Јапонскиот производител Nissan врти нова страница со новиот додаток во својот состав на електрични автомобили со кросоверот Ariya
Nissan долго време бележи успеси во продажбата на електрични возила и покрај тоа што има само еден таков автомобил во моделот Leaf на пазарот. Но, тоа сега се променува со претставувањето на кросоверот Nissan Ariya кој пристигнува со автономија од 482 километри.
Првично претставен како концепт минатата година, Ariya ќе се појави во продажба во Јапонија кон средината на 2021 година, по што ќе се појави на сите останати пазари во светот. Според одредени информации, цената ќе изнесува околу 40.000 долари. Од Nissan велат дека електричниот кросовер служи како клуч во четиригодишниот план на компанијата за достигнување на одржлив развој, финансиска стабилност и профитабилност.
Nissan Ariya пристигнува со голем број конфигурации, вклучително верзија со погон на две тркала, како и систем со двоен електромотор кој овозможува движење на сите четири тркала, кој во Nissan го нарекуваат e-4ORCE. „Не се плашам да кажам дека ова веројатно е технолошки најнапредниот модел кој Nissan го направил во својата историја. Ги вложивме сите наши ресурси и знаења зад овој автомобил“, изјави потпретседателот на Nissan Иван Еспиноза.
Четири варијанти
Купувачите ќе можат да изберат две различни батерии – 63 kWh и 90 kWh, како и погон на задните или на сите четири тркала.
Опцијата со погон на задните тркала има батерија со капацитет од 65 kWh што произведува вкупно 215 КС и 300 Nm вртежен момент. Од нула до „стотка“ стигнува за 7,5 секунди, а максималната брзина е 160 километри на час. По ова следува уште една поставка со погон на две тркала со поголема 90 kWh батерија која испорачува 239 КС и 300 Nm вртежен момент. Оваа варијанта достигнува до „стотка“ за 7,6 секунди, ја има истата максимална брзина како и базичната варијанта, но има автономија од 610 километри со едно полнење.
Исто така ќе се понудат две верзии со погон на сите четири тркала. Првата, која ја користи 65 kWh батеријата и два електромотори ќе испорача комбинирани 335 КС и 560 Nm вртежен момент. Спринтот до 100 километри на час се достигнува за 5,4 секунди, а максималната брзина е 200 километри на час. Автономијата изнесува 430 километри. На врвот се наоѓа Ariya со 90 kWh батерија со вкупно 389 КС и 600 Nm вртежен момент. Спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за 5,1 секунда, а максималната брзина изнесува 200 километри на час. Оваа варијанта може да помине до 580 километри со едно полнење.
Модерен дизајн
Кога станува збор за дизајнот, Ariya добива далеку поспортски изглед во однос на X-Trail, a во однос на останатите возила на производителот, недостатокот на остри и аголни линии носат помек и посемеен изглед. Автомобилот пристигнува со ултра тенки LED предни светла, додека задните светла се простираат низ целата должина на задниот дел. Со својот атрактивен и современ дизајн, Ariya дефинитивно е освежување, особено на пазарот на електрични автомобили. Тркалата на Ariya дефинитивно отскокнуваат, но ништо друго на автомобилот не е претерано дизајнирано, како што е чест случај на електричните автомобили, што може да биде привлечно за купувачите.
Во внатрешноста се наоѓаат два 12,3-инчни хоризонтално поставени екрани, едниот е поставен на централната конзола и е наменет за инфозабавниот систем, додека вториот ја има улогата на дигитална инструмент табла. Двата екрани се поставени кон возачот и делуваат како лесно достапни и управливи. Клима-уредот се контролира од страна на капацитивни копчиња на допир кои се интегрирани во дрвениот панел под централниот екран кои нудат слично чувство како и механичките контроли поради вибрирањето при допир.
Напредна технологија
Ariya пристигнува со Apple CarPlay и Android Auto конективност, а ќе биде првиот автомобил на Nissan кој ќе може бежично да ги унапредува своите системи како инфозабавниот систем, електричната и електронската архитектура, шасијата, клима-уредот и поставките на електричниот погон.
Исто така, Nissan Ariya пристигнува и со најновата верзија на напредниот систем за асистенција ProPilot 2.0, кој нуди активен мониторинг при возењето за овозможување на полуавтономно управување на возилото на автопат, односно hands-free возење. Меѓу останатото, ProPilot 2.0 нуди и автоматско сопирање во итни случаи со детекција на пешаци, задно автоматско сопирање, предупредување за напуштање на коловозната лента, предупредување за слепа точка и многу други работи. Ariya исто така ќе содржи и монитор кој ќе нуди целосен 360-степен поглед и предупредување за евентуален преден судир.
Цената на Nissan Ariya започнува од 46.000 долари во Јапонија и продажбата ќе започне кон средината на идната година. Во Европа, Северна Америка и Кина ќе пристигне кон крајот на 2021 година.