Тизер цртеж ја открива внатрешностa на новиот Hyundai Tucson
На интернет се појави цртеж со кој се добива прв поглед во внатрешноста на целосно новиот Hyundai Tucson
Hyundai го развива новиот Tucson веќе некое време. Од шпиунските фотографии кои се појавија изминатиот период може да се забележи дека екстериерот ќе биде радикално променет во однос на актуелниот модел, а во согласност со тоа, се очекува и ентериерот да добие исто така голема промена.
Овој цртеж, кој се појави на неколку форуми, открива дека новата генерација на овој SUV ќе има интригантен дизајн на централната конзола кој инкорпорира инфозабавен екран во стил на таблет, како и пар отвори за вентилација кои ќе бидат поставени над него. Под инфозабавниот екран ќе бидат поставени контролите за клима-уредот.
Новиот Hyundai Tucson ќе добие и целосно дигитална инструмент табла, но наместо да се обидува да го копира изгледот на традиционалниот кластер, инструмент таблата ќе биде едноставен таблет кој ќе „излегува“ од централната конзола, а исто така ќе биде променет и управувачот, кој според сликата, ќе добие нова форма.
Очигледно е дека Hyundai се насочува кон минималистички дизајн на кабината на Tucson. Исто така ќе отскокнува во однос на сите останати модели во опсегот на брендот и би можел да претсавува основа за дизајнот на сите идни ентериери на Hyundai.
Hyundai се очекува да го претстави новиот Tucson пред крајот на тековната година.