fbpx

Доминација на Хамилтон и нов рекорд со кој го надмина Шумахер

Возачот на Mercedes Луис Хамилтон забележа нова победа сезонава во Formula 1 откако триумфираше на трката за Големата награда на Шпанија

Шесткратниот светски шампион дојде до својата четврта победа од вкупно шест трки сезонава на патеката Каталуња во трката за Големата награда на Шпанија. Луис Хамилтон ја забележа својата 88 победа во кариерата, со што само три победи го делат од рекордот на Михаел Шумахер. Инаку, Британецот постави нов рекорд по бројот на подиуми во кариерата, откако успеа да дојде до бројката од 156, надминувајќи го легендарниот Германец.

Хамилтон водеше во текот на сите 66 круга за време на трката, а на крајот имаше 20 секунди предност во однос на второпласираниот Макс Верстапен од Red Bull. На третото место заврши вториот возач на Mercedes, Валтери Ботас.

Трката на Каталуња беше решена уште на самиот старт кога Хамилтон ја задржа првата позиција, додека Верстапен се проби пред Ботас, кој ја загуби позицијата и од Ленс Строл од Racing Point. Британецот веќе по неколку круга успеа да им побегне на своите ривали, кои во ниту еден момент не успеаја посериозно да го загрозат. Ниту второто место на Верстапен не беше доведено под знак прашалник, додека Ботас многу брзо успеа да се пробие пред Строл и да си го обезбеди третото место.

Само Ботас и Верстапен беа на ниво на Хамилтон

Инаку, треба да се напомене дека единствено Верстапен и Ботас трката успеаја да ја завршат во истиот круг како и Хамилтон. Финецот дури три пати беше во боксот, додека Верстапен и Хамилтон само два пати, а му припадна и најбрзиот круг на трката, за што освои дополнителен бод. Строл на крајот беше најдобар меѓу останатите, пред тимскиот колега Серхио Перес, кој беше казнет со дополнителни пет секунди поради игнорирање на сините знаменца.

Како и да е, благодарение на новата победа Хамилтон си ја зголеми предноста во генералниот пласман и сега има 132 бода, 37 повеќе од Верстапен, додека Ботас е трет со 89. Сезоната во Formula 1 продолжува на 30 август со Големата награда на Белгија.

Поврзани вести

Back to top button