Lotus ја одложи испораката на електричниот Evija за 2021
Компанијата Lotus одлучи да ги одложи испораките за електричниот хиперавтомобил наречен Evija за најмалку пет месеци
Lotus наводно е принуден да ја одложи испораката на Evija поради актуелната глобална ситуација, како и доцнењата во програмот на тестирање кои се резултат на пандемијата на коронавирусот.
Првите единици на електричниот хиперавтомобил требаше да бидат испорачани кон крајот на оваа година, но пандемијата и рестрикциите кои следуваа ја принудија компанијата привремено да ги прекине тестирањата, кои имаа неизбежен ефект на првичниот датум.
„Загубивме пет месеци тестирања, пред се во континентална Европа. Ги пропуштивме тестирањата во жешки временски услови во Шпанија. Работите не се така едноставни, со оглед на тоа дека треба да се резервираат објектите и има редици за чекање, со оглед на тоа дека сите се соочуваат со истите проблеми“, вели шефот на Lotus, Фил Пофам.
Како резултат на сето ова, испораките на Evija се одложени за пет месеци, а првите сопственици се очекува да ги добијат своите автомобили пред средината на 2021. Според информациите, постојат 70 потенцијални купувачи, од кои голем дел веќе уплатиле депозити, открива Пофам, а бројот би трбеало да се зголеми по светската тура на автомобилот, што исто така беше одложено претходно годинава поради пандемијата.
Но, во секое зло има и нешто добро. Така, одложувањето на тестирањата на Evija му овозможија на Lotus да се фокусира на други аспекти, како што е унапредувањето на аеродинамиката и потисната сила на возилото. Освен тоа, компанијата откри дека комбинираната моќност на автомобилот е повеќе од 2.030 КС, наместо првичните 2.000 КС и 1.700 Nm вртежен момент како што се проценуваше претходно.
Lotus Evija ќе биде ограничен на само 130 единици, а цената во Велика Британија изнесува 1,7 милиони фунти. Evija ќе пристигне со четири електромотори кои овозможуваат спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за помалку од три секунди, а максималната брзина ќе изнесува 320 километри на час. Проценетата возачка автономија изнесува 400 километри.