Освежениот Peugeot 3008 ќе дебитира на 1 септември
Во јануари се појави прототип освежениот Peugeot 3008, за кој сега е потврдено дека својата премиера ќе ја доживее на 1 септември
Премиерата на освежениот Peugeot 3008 е закажана за следниот вторник, односно 1 септември и ќе се случи преку дигитални канали, со оглед на актуелната глобална ситуација, пренесува Carscoops.
Инаку, претходно протекоа фотографии од освежениот кросовер на Forum-Peugeot.com, а ако може да се суди според нив, освежениот 3008 ќе добие ревидирана предница заедно со дневните светла со кои се карактеризираат 208 и 508. Потоа, тука е поширокиот централен отвор, како и понагласените странични отвори, со што автомобилот дефинитивно ќе добие подинамичен изглед.
Меѓу останатите визуелни промени се очекува и унапредени задни светла со понагласена графика. Помали унапредувања пристигнуваат и на i-Cockpit, каде што освежениот Peugeot 3008 ќе добие нов инфозабавен систем и многу поголем екран од претходно. Другото, горе-долу, изгледа речиси исто, но се очекуваат и промени во нивоата на опременост.
Кога станува збор за моторните единици, не се очекуваат некои промени, што значи широка палета на бензински и дизел мотори, како и два хибридни 1,6-литарски четирицилиндрични мотори и plug-in хибрид.
Peugeot 3008 е третиот најдобро најпродаван кросовер во својот сегмент во Европа, заостанувајќи зад лидерите за само неколку илјади единици. Инаку, по премиерата во септември, освежениот кросовер се очекува да пристигне на пазарот во ноември, додека пак третата генерација на 3008 се очекува во 2022 или 2023 година.