Volkswagen ги претстави Golf Variant и Alltrack
Германскиот гигант Volkswagen тивко и без многу помпа ги покажа новите Variant и Alltrack верзии на Golf
Опсегот на осмата генерација на Volkswagen Golf продолжува да се проширува. Покрај стандардниот хечбек, сега тука се Volkswagen Golf Variant и Alltrack моделите кои официјално го забележаа своето деби.
Во споредба со Golf Variant моделот во заминување, новата верзија е 4,63 метри долга и има меѓуосовинско растојание од 2,68 метри, што значи дека автомобилот е подолг од претходно. Тоа резултира со поголем простор за нозете, а исто така зголемен е и капацитетот на багажникот од 605 на 611 литри. Просторот се зголемува до 1.642 литри кога задната клупа е преклопена.
Volkswagen Golf 8 Variant ќе се нуди со истиот опсег на мотори кои се достапни во хечбек верзијата, што значи голем избор на бензински и дизел погони во опсег од 110 до 150 КС. Новиот Golf R Variant е се уште во изработка и ќе пристигне со 2,0-литарски турбо четирицилиндричен мотор и погон на сите четири тркала.
Од друга страна, тука е и Volkswagen Golf Alltrack, кој пристигнува со слична форма како Variant, но, секако, има поголем клиренс и пристигнува како стандард со 4Motion систем за погон на сите четири тркала. Golf Alltrack исто така пристигнува со пластични прекривки на каросеријата со цел да се добие посуров и поостар изглед. Малку промени се направени и во ентериерот на Alltrack, но се одликува и со карактеристичен вез на задниот дел од седиштата.
Неколку различни моторни опции се нудат и за Golf Alltrack, а максималниот влечен капацитет на автомобилот е 2.000 килограми.
Продажбата на новиот Golf Variant и Alltrack ќе стартува кон крајот на 2020 годината, додека надвор од Европа ќе се појави во 2021. Цените ќе бидат објавени кога ќе се наближи датумот за продажба.