Салонот во Женева би можел да се одржи во 2021
Во јуни, организаторите на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева го откажаа настанот за 2021 година и најавија дека се подготвуваат за 2022
Главна причина за откажувањето на Салонот следната година организаторите на Салонот во Женева го истакнаа фактот дека повеќето изложувачи многу веројатно нема да учествуваат и дека веќе ги предупредиле за тоа, па како резултат на ова организаторите одлучија да се подготвуваат за настанот во 2022 година.
Исто така, организаторите ги објавија своите намери да ги продадат правата за настанот со оглед на тоа дека откажувањето во последен момент на годинешното издание ги чинеше околу 11 милиони швајцарски франци. Кантонот на Женева се обиде да им обезбеди заем за да се покрие сето тоа, но организаторите не ги прифатија условите.
Иако постоеја надежи дека правата на настанот ќе ги открупи Palexpo центарот каде што се одржува Салонот, организаторите бараа 15 милиони франци. Ова е огромна сума за Palexpo кој ја одби понудата.
Сепак, како и да е, се чини дека Салонот во Женева би можел да продолжи да живее. Според документите до кои дојде Automotive News Europe, на „автомобилските производители им е понуден all-inclusive пакет кој го покрива трошокот за нивните штандови и сместувања за гостите“ за настан за 2021 година.
Поинакво издание
Но, настанот би претставувал само сенка на претходните Салони во Женева со оглед на тоа дека ќе се одржи само три дена и ќе биде ограничен исклучиво за новинари. Засега нема информации околу тоа колку изложувачи ќе бидат присутни на настанот.
Шоуто би требало да биде организирано од Palexpo и да комбинира физички и дигитални елеменети. Базичниот пакет чини 150.000 франци и ќе им овозможи на автомобилските производители да приложат еден автомобил и да поканат до 10 членови на медиумите. На врвот на понудата се наоѓа пакетот од 750.000 франци кој овозможува можност за изложување на четири автомобили и покана на 100 гости.
Останува да се види дали некој од автомобилските производители ќе се пријават за настанот во 2021 година, но не е исклучено да се одлучат за свој сопствен самостоен настан или пак да се насочат кон дигиталните канали за своите премиери.