fbpx

Официјално претставен Audi Q5 Sportback

Audi продолжува со лансирањето на Sportback варијанти за своите SUV модели, а последен на оваа листа е и моделот Q5 Sportback

Подготвен да му се приклучи на стандардниот Q5 SUV во првата половина од 2021 година, Audi Q5 Sportback ги прифаќа испробаните и тестирани SUV-Coupe елементи за моделот на германскиот бренд. Новиот Q5 Sportback се одликува со мошне сличен дизајн со освежениот Q5 на предниот дел.

Оттаму кон назад, покривната линија опаѓа, со што се добива купе изглед и профил. Задниот дел е најкарактеристичен за Q5 Sportback, кој се одликува со понаклонето задно стакло и променет заден дел. Ако се погледне поубаво, се забележуваат повеќе разлики во споредба со Q5 моделот, а најочигледни се спортските браници и инсертите на решетката од S Line варијантата.

Audi Q5 Sportback

LED предните светла (Matrix LED за S Line моделите и повисоко), како и LED задните светла (OLED технологија како стандардна за поскапите модели и SQ5 Sportback) изгледаат идентично како со „обичниот“ Audi Q5. Кога станува збор за димензиите, Q5 Sportback е 7 милиметри подолг од Q5, додека висината, ширината и меѓуосовинското растојаните се исти. Благодарение на формата на автомобилот, Q5 Sportback има понизок коефициент на отпор, односно 0,30.

Купувачите кои ќе го изберат Q5 Sportback ќе мораат да жртвуваат малку практичност, со оглед на тоа дека багажникот е 510 литри, 40 литри помалку отколку кај Q5. Кога седиштата се собрани, капацитетот се искачува на 1.480 литри, 70 литри помалку во однос на Q5.

Audi Q5 Sportback

Во внатрешноста, контролната табла е идентична со регуларниот Q5 и се карактеризира со 10,1-инчен MMI екран „напојуван“ од трета генерација на модуларниот инфозабавен систем (MIB 3), стандардниот 12,3-инчен Audi Virtual Cockpit (во Велика Британија), како и MMI Navigation Plus и Audi Connect интернет конективност.

Опционалните додатоци вклучуваат и Bang & Olufsen аудио систем со 19 звучници, head-up екран, Audi Phone Box бежичен простор за полнење на телефон, како и неколку унапредени системи за возачка асистенција, вклчително и адаптивен темпомат.

Audi Q5 Sportback

Голем опсег на моторни единици

Кога станува збор за моторите, Audi Q5 Sportback 40 TDI е опремен со 2,0-литарски турбодизел единица која испорачува 204 КС со 400 Nm максимален вртежен момент. Овој мотор во подоцнежната фаза од животот ќе добие и нешто послаба верзија, односно 35 TDI со 163 КС и 370 Nm.

Како што е случајот и со дволитарскиот дизел, така и 2,0-литарскиот TFSI, како четирицилиндричен турбобензинец ќе поседува две верзии кога станува збор за моќноста. Послабата верзија, 40 TFSI развива 204 КС, додека 45 TFSI ќе располага со 265 КС.

Audi Q5 Sportback

Верзијата со ознаката 50 TDI ќе користи V6 3,0-литарски турбодизел со 286 КС. На врвот ќе биде Audi SQ5 кој ќе се напојува со истиот мотор, но со 341 КС.

Електрификацијата ја опфаќа целата гама на достапни мотори. Четирицилиндричните верзии се опремени со 12-волтаичен хибриден систем, додека V6 варијантите ќе користат стартер-алтернатор кој функционира на 48 волти. Audi подготви и plug-in хибрид. Овој погонски склоп користи четирицилиндрични бензински мотори и носи ознака 50 TFSI e (299 KС) и 55 TFSI e (367 KС).

Audi Q5 Sportback

Сите мотори пристигнуваат исклучиво со автоматски менувач. Оние со четирицилиндричните мотори ќе користат седумстепен автоматски S tronic, додека помоќните возила ќе користат осумстепена автоматска трансмисија. Базичното издание ќе има погон на предните тркала, додека сите останати ќе имаат погон на сите четири тркала, со тоа што шестцилиндричните модели ќе имаат постојан погон на сите тркала.

Поврзани вести

Back to top button