Град Скопје го започна проектот „Безбедни семејни паркинг зони“
Град Скопје во соработка со ЗЕЛС и АМСМ започнаа со реализација на проектот „Безбедни семејни паркинг зони“ наменети за бремените жени и семејствата со деца до тригодишна возраст
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, се обрати до јавноста по повод обележувањето паркинг-места за проектот „Безбедни семејни паркинг зони“. Таткото на Градот истакна дека е задоволен од новиот проект, кој е дело на соработка меѓу ЗЕЛС и АМСМ и има за цел да ја подобри безбедноста на сообраќајот во главниот град.
„Задоволен сум од реализацијата на проектот „Безбедни семејни паркинг зони“. За овој проект ЗЕЛС уште пред повеќе од една година потпиша меморандум со АМСМ. Сметам дека со реализацијата на овој проект, насочен кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, навлеговме во сржта на наједноставните, но неизмерно важни потреби на одредени категории наши сограѓани. Во овој случај, тоа се бремените жени и семејствата со деца до тригодишна возраст. Обезбедивме законски, но и реални услови за поставување соодветни паркинг-места наменети исклучиво за нив.
Тие паркинг-места се утврдени на најповолните локации што им се потребни на овие граѓани и тоа пред здравствени установи, одредени центри за пазарење, како и пред јавни објекти кои првенствено се наменети за најмладите. Водевме грижа, овие паркинг-места да бидат поставени и на најсоодветните места, односно при влез-излез на самата паркинг зона, а и просторот за паркирање е поголем од вообичаениот и поудобен за потребното маневрирање на родителите или трудниците“, изјави градоначалникот Шилегов.
Овие „безбедни зони за паркирање“ кои се наменети за бремените жени и за родителите на деца до тригодишна возраст. Истите се обезбедени во скопските општини Центар и Чаир, како и општина Велес. Потоа во станиците за технички преглед на АМСМ, но и во речиси 12 зони за паркирање на „Градски паркинг“.