fbpx

Тест Škoda Octavia: Бестселерот продолжува по нагорна линија

Со новата Octavia компанијата Škoda го крева нивото погоре. За да успее во најновото поглавје чесите се концентрира на стилот, функционалноста и најмодерната технологија достапна во концернот, истите ги користи на умешен начин како главни состојки за рецептот кој ретко кога им успева на поголемиот број производители.

златно тркало
При самата помисла на Škoda Octavia првото нешто што ви паѓа на ум е одмерен и простран автомобил кој не се расфла со својот надворешен дизајн. Впрочем, целиот имиџ кој го градеше повеќе од 20 години се базира токму на овие елементи. Но, сето тоа важеше до појавувањето на новата, четврта по ред генерација која одсега рамотежата ја бара помеѓу стилот и функционалноста. Токму поради тоа при првата средба може да се заклучи дека чесите тоа го прават на најдобар можен начин, затоа што овој рецепт ретко кога им успева на поголемиот број производители.

Octavia

Предниот дел изгледа далеку пософистицирано од предходно и врти нова страница во дизајнот, долгиот преден поклопец се спушта ниско, а под него е поставена преобликуваната решетка на ладилникот која се движи до светлосните групи со нов и свеж светлосен потпис, патем сите верзии како стандард доаѓаат со LED технологија како на предниот, така и на задниот дел, единствено кај повисоките нивоа тие се адаптивни. Ако добро го погледнете страничниот профил на Octavia ќе забележите дека се одалечува од дизајнот на класична троволуменска лимузина, да, Octavia одсекогаш била хечбек ( врата на багажникот со задно стакло) автомобил, но сега повеќе наликува на купе-седан изведба.

Octavia

Стилот во служба на функционалноста

Кога станува збор за задната страна забележлив е обликот на поклопецот од багажниот дел кој на суптилен начин се претвара во мал спојлер, на средина од кој чешкиот производител гордо го става името на компанија. Светлосните склопови се со 3D дизајн и длабоко се врежани во каросеријата. Целиот крај завршува со соодветно обликуван браник на кој е успешно избегната замката да се постават лажни отвори на издувниот систем. Присуството на хромирани детали е забележлив на целата надворешност со што Octavia го подигнува имиџот, а самиот автомобил добива далеку посериозен настап.

Octavia

Внатрешноста е делот каде чесите дефинитивно раскртсуваат со минатото, затоа сите остануваат позитивно изненадени кога за прв пат ќе се сретнат со новата генерација на Octavia и без претерување слободно може да се каже дека ова е најдобро изведениот ентериер на Škoda досега. Модерно организираната предна арматура е наклонета кон новото време, каде екраните и минималната употреба на физички команди градат имиџ на високо софистициран и модерен автомобил. Како доказ доаѓа вградениот виртуелен асистент кој се одзива на командата „Оkay Laura!“, па така за вас може да ја подеси температурата во кабината, избере омилената радио станица, напише и испрати СМС порака…

Octavia

Хардверските елементи се сведени на минимум и речиси со сè се командува преку системот за инфотејмент, а ако сакате да го намалите или зголемите гласот на аудио системот во подножјето е поставен „слајдер“ преку кој само нежно треба да поминете со прст.  Тука се и големиот број на системи за пасивна и активна безбедност како и елементот на полуавтономно управување во вид на „Lane keep assistance“ што се грижи секогаш да сте во вистинската лента и адаптивниот темпомат кој секогаш ве држи на препорачана раздалечина од возилото пред вас.

Најдобро изведениот ентериер на Škoda досега

Материјалите кои се користени за пресвлекување на  внатрешноста се исклучително квалитетни и меки во делот каде што секојдневно се допира, завршната обработка создава удобно чувство и се наликува како од класата погоре. Наведените елементи доаѓаат како стандардна опрема во Style нивото на опременост со што го дополнуваат и онака високото ниво на комфор со кој располага Octavia. Доказ дека Octavia се збогува со минатот е управувачот, тој е изведен во несекојдневен облик со два крака на кои се поставени ротирачки команди со високосјаен хромиран финиш кои наликуваат на елементи како кај скапите рачни часовници.

Octavia

Просторот на предниот дел од кабината нуди седишта со одлични пропорции во кои се седи многу удобно и нудат добра потпора во сите правци, позиција се наоѓа многу лесно благодарение на подесувањето во сите правци. Зад задниот пар врати се скрива адут со кој Octavia ги собира симпатиите кај публиката.

Меѓуоскиното растојание од 2.686 мм овозможува несекојдневна количина на простор со која располага задната клупа. На неа комотно може да се сместат лица чија што висина е над 180 см без да допрат со коленатa во предните седишта или да допираат со главата на горниот дел од кабината. Конфигурацијата на каросеријата скрива еден од главните адути во внатрешноста. Иако обликот е како кај класичен седан пристапот до багажниот простор е изведен преку петта врата. Со нејзиното отворање се пристапува до волумен од 600 литри колку што нуди во основната конфигурација, а доколку има потреба за превоз на нешто што е ‘уште погабаритно’, соборувањето на задната клупа волуменот расте до неверојатни 1.550 литри.

Умешно склопени елементи за максимално задовоство

Кај новата генерација на Octavia моторната понуда е составена од повеќе моторни опции придвижувани од бензински, дизел или електро-хибриден погон, со намера секој купувач да може да ја избере опцијата која му одговара. Тестираниот примерок под предниот поклопец ја поседува најновата интерпретација на прочуениот TDI двигател со додаток EVO, што меѓу другите подобрувања значи дека има двојно филтрирање на издувните гасови. Во суштина станува збор за агрегат од 2 литри со common rail технологија и Еуро 6 стандард кој испорачува 150 КС и 360 Nm влечна сила што е на располагање во распон од 1.750 до 2.750 вртежи во минута, а својата моќ во оваа прилика ја насочува кон предните тркала. Една од одликите е тивкото работење и леснотијата со која го движи автомобилот тежок 1.465 кг.

Octavia

Силата се испорачува линеарно, а таканаречената турбо дупка е далечно сеќавање, смиреноста и хармонијата во работењето во потполност одговараат со природата на ова возило, резервата на сила која ја поседува и е секогаш расположена да влезе во игра, а може да ги придобие и срцата на поспортски ориентираните возачи.

Чекор понатаму

За да биде сè на ниво кое е за нијанса погоре се грижи трансмисијата која е изведена преку 7 степен DSG автоматски менувач со двојна спојка што е добро пресметан и се одликува со извонредна прецизност во работењето, брзо реагира и не се двоуми во која брзина да префрли без разлика дали е оставен во автоматски режим на работа или возачот сам ги избира степените на пренос. Постигнувањата на Octavia не одат на штета на домашниот буџет бидејќи во просек троши под 8 литри дизел гориво во градски услови на користење, додека на отворен пат и движење со пропишана брзина потрошувачката се спушта под 6 литри на 100 изминати километри. Иако ја дели платформата со новите генерации на Golf и Leon, на Octavia се направени измени кои се однесуваат на потпирањето.

Octavia

За разлика од предходната генерација каде што изведбите кои имаа 150 КС и повеќе на задниот дел работеше „мултилинк“, во новата генерација е заменет со поедноставно решение во вид на „линиска оска“, додека по софистицираниот систем сега е достапен единствено кај верзиите со 4х4 погон, моделот Scout и кај vRS изведбите. Сепак, според прикажаното нема поголеми замерки, задачите ги извршува на ниво,  целиот „сетап“ е подесен со нагласок на комфор, а како и во случајот со агрегатот може да одговори и на потребите на возачите со врела крв.

Сèвкупно земено, со задржувањето на своите главни карактеристики со кои се прослави, големото внимание на квалитетот и софистицираниот пристап, споредено со ривалите Octavia практично ја прескокнува категоријата и оди чекор понатаму, целосно подготвена да се натпреварува со автомобили од класа погоре на кои планира да им одземе поголемо парче од колачот.

Цената на тестираниот модел изнесува 31.940 евра

Технички карактеристики за Škoda Octavia Style 2.0 TDI EVO DSG 150 HP

мотор Euro VI DG, дизел, четиритактен, четири-цилиндерски, воденоладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1968 cm3
пречник и од 81 x 95.5 mm
степен на компресија 16.2:1
напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
максимална моќ 150 КС
макс. вртежен момент 360 Nm при 1.700-2.750 min-1
трансмисија на предни тркала преку седум-степен автоматски менувач
потпирање напред независен Макферсонов систем, линиска оска
сопирачки напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS
пневматици 225/45 R18
каросерија Седан со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.689 x 1.994 x 1.470 mm
меѓуоскино растојание 2.686 mm
траги (напред/назад) 1.543 x 1.535 mm
тежина 1.465 kg
максимална тежина 2.000 kg
багажен капацитет 600 литри
резервоар 45 литри
максимална брзина 227 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,7 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 4,4/3,3/3,7  l/100 km
емисија на CO2 97 g/km
Škoda Octavia во Македонија
Škoda Octavia 1.0 TSI 110 HP Ambition 17.770 евра
Škoda Octavia 1.0 TSI 110 HP Style 20.670 евра
Škoda Octavia 1.5 TSI 150 HP Ambition 19.800 евра
Škoda Octavia 1.5 TSI 150 HP Style 22.910 евра
Škoda Octavia 2.0 TDI 115 HP Ambition 21.300 евра
Škoda Octavia 2.0 TDI 115 HP Style 24.440 евра
Škoda Octavia 2.0 TDI DSG 150 HP Ambition 25.470 евра
Škoda Octavia 2.0 TDI DSG 150 HP Style 28.320 евра
Конкуренти
Hyundai Elantra од 15.200 евра до 17.900 евра
Opel Astra Sedan од 16.790 евра до 17.829 евра
Ford Focus Sedan од 18.400 евра до 30.300 евра
Toyota Corolla Sedan од 18.990 евра до 28.490 евра
Mazda 3 Sedan од 21.980 евра до 28.980 евра

За повеќе информации посетете го салонот на Škoda или официјалниот веб-сајт.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

 

Поврзани вести

Back to top button