fbpx

Новата Ford Kuga пристигна на македонскиот пазар

Новата генерација на кросоверот на Ford, моделот Kuga сега конечно пристигна и во Македонија и е достапна за македонските купувачи

Новата Ford Kuga е достапна во изложбено-продажниот салон на Ми-Да Моторс Македонија, а редакцијата на Авто Плус доби шанса да се запознае одблиску со новата генерација на кросоверот на „синиот овал“ и преку фотографии ви го пренесуваме она што го забележавме.

Како што е веќе познато, новата Kuga се одликува со карактеристичен дизајн, електрифициран опсег на моторизација и нови технологии за безбедност и асистенции при возењето. Ние имавме можност да го забележиме моделот со 2,0-литарски TDCi дизелски мотор со 190 КС, осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Третата генерација на Kuga сега е поголема во однос на димензиите кога ќе се спореди со својот претходник и е поставена на целосно нова платформа наречена C2, што му овозможува на Ford да изврши хибридизација на својот кросовер. Така, во понудата се наоѓаат три хибридни и два погони со конвенционални мотори.

Широк опсег на моторни единици

Кога станува збор за конвенционалните мотори, тука е 1,5-литарскиот турбо бензински EcoBoost мотор во две варијанти – со 119 и 148 КС. Дизелскиот спектар е покриен со 1,5-литарскиот EcoBlue со 119 КС и, како што веќе напоменавме, 2,0-литарскиот со 190 КС кои се достапни со осумстепен автоматски менувач.

Ford Kuga

Електрификацискиот опсег стартува со 48-волтен благ хибриден систем кој е комбинација на 2,0-литарски дизел мотор и генератор. Следува Kuga Hybrid со погон на сите четири тркала, а користи 2,5-литарски бензинец во комбинација со електромотор, кој е напојуван од мала литиум-јонска батерија. На врвот се наоѓа Kuga PHEV, односно plug-in хибридната верзија, опремена со 2,5-литарски бензинец со електромотор и литиум-јонска батерија од 10,3 kWh.

Во внатрешноста се наоѓа 8-инчниот екран на допир од SYNC3 инфозабавниот систем кој е компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto, како и FordPass Connect. Новитет е 12,3-инчната дигитална инструмент табла која не ја забележавме кај изложениот модел, односно пристигнува само кај повисокото ниво на опременост. Како дел од стандардната опрема пристигнува класичниот аналоген панел.

Новата Ford Kuga се нуди во три нивоа на опременост – Titanium, ST Line и Vignale. Зависно од нивото на опременост и посакуваната верзија, цената на Ford Kuga во Македонија започнува од 31.000 евра и достигнува до 50.500 евра. За повеќе информации обратете се во продажниот салон на Ford или на официјалниот веб сајт.

Поврзани вести

Back to top button