Салонот во Њујорк за 2021 веќе одложен и со нов датум
Организаторите на Меѓународниот Салон за автомобили во Њујорк се загрижени поради целата ситуација со коронавирусот во САД, поради што се одлучија за одложување на манифестацијата
Оваа година Салонот за автомобили во Њујорк требаше да се одржи во периодот од 10 до 19 април. Во март, поради кризата која избувна, настанот беше одложен за периодот од 28 август до 6 септември. Но, како што знаеме, ниту тоа не се случи, па организаторите уште во мај најавија дека изданието за 2020 година е целосно откажано.
Оттогаш организаторите во целост се фокусираа на настанот за 2021 година, обидувајќи се да го најдат најдоброто можно место во календарот. Така, тие најавија дека манифестацијата за 2021 година ќе се одржи од 20 до 29 август, што е четири месеци подоцна од првично планираниот датум од 2 до 11 април.
Во соопштението кое го испратија организаторите до јавноста и медиумите исто така се наведува дека Салонот во Њујорк ќе се одржи во уште поголем простор, со цел да се почитуваат мерките за социјално дистанцирање, но и отворање на простор за нови изложувачи. Организаторите најавуваат посебна посветенос на претставување на електричните модели, со тоа што ќе постои и мала патека каде што може да се направи тест возење на електрични автомобили.
Сезоната на автомобилски салони во САД треба да започне следната година со изданието во Лос Анџелес кое е предвидено за во мај. Потоа во август следува Салонот во Њујорк и на крајот, во септември, сезоната се затвара со манифестацијата во Сетроит.