fbpx

Hummer се врати како моќен целосно електричен пикап

Речиси една деценија откако последниот Hummer се симна од производствената линија, брендот се врати на сцената помоќен од било кога

Hummer, кој во еден период од својот животен век претставуваше и статусен симбол, сега се враќа, но не како самостојна марка, туку како модел на дивизијата GMC. Станува збор за ознака која е релативно непозната надвор од Америка, но е комерцијално одделение на General Motors кое работи од 1917 година и е специјализирано за кросовери, теренци и пикап камионети. Како и да е, пред нас е пикап верзијата на моделот, а нешто подоцна ќе пристигне и чистокрвниот теренец.

Hummer

GMC Hummer електричниот пикап го одбележува враќањето на една легенда и најава за електричната иднина на General Motors. Со многу „попроточен“ изглед од претходните модели, електричниот Hummer се одликува со минималистичка предна решетка која е опколена од витки LED фарови. Сепак, на предниот дел најмногу отскокнува масивниот браник и долната заштита кои ја нагласуваат „оф-роуд“ природата на електричниот пикап. Интересно е што моделот има релативно рамен покрив со отстранливи панели кои овозможуваат вистинско искуство на отворен воздух.

На задниот дел се наоѓаат LED светла и големиот браник. Со оглед на „оф-роуд“ природата, пикап камионетот пристигнува како стандарден со 35-инчни Goodyear Wrangler All Teritory MT гуми. Тие овозможуваат моделот да надминува до 457 милиметри вертикални пречки и да помине низ повеќе од 610 милиметри вода.

Hummer

Во внатрешноста се наоѓа 12,3-инчна дигитална инструмент табла и „лебдечки“ 13,4-инчен инфозабавен систем. Преку големиот екран се овозможува пристап до UltraVision системот кој овозможува до 18 различни прегледи од камерата. Инфозабавниот систем исто така прикажува и „оф-роуд“ „виџети“ кои овозможуваат информации околу теренскиот статус и функционалностите на возилото.

Hummer

Кога веќе станува збор за технологијата, треба да се напомене дека камионетот ќе биде понуден со најновата верзија на Super Cruise полуавтономниот возачки систем. Тој овозможува „hands-free“ возење повеќе од 321.869 километри на компатибилни автопати во САД и Канада.

Моделот се напојува преку три електромотори кои имаат комбинирана моќност од 1.014 КС и 15.592 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на пикапот со погон на сите четири тркала да забрзува до „стотка“ за околу три секунди кога се користи „Watts to Freedom“ системот.

Моторите се напојувани од Ultium батериско пакување кое му овозможува на возилото да има опсег на движење од 563 километри со едно полнење. Кога станува збор за полнењето, Hummer има полнечки капацитет од 350 kW. Тоа значи дека камионетот може да се наполни за опсег од 160 километри за помалку од 10 минути. Ова се навистина импресивни бројки за еден пикап.

Hummer

Инаку, Hummer ќе биде достапен со управувачки систем на четири тркала кој се одликува со CrabWalk функција. Ова овозможува предните и задните тркала да бидат управувани под ист агол при ниски брзини. Тоа му овозможува на возилото да вози дијагонално. Од GMC напоменуваат дека ова овозможува многу поголема способност за маневрирање на предизвикувачки терени. Кога станува збор за „оф-роуд“ возењето, моделот е опремен со адаптивен воздушен систем на потпирање со достапен Extract Mode. Тој овозможува суспензијата да се подигне за 149 милиметри за совладување на екстремни терени.

Hummer ќе биде лансиран со Edition 1 трим кој ќе чини 112.595 долари. Ова не е мала сума, но камионетот пристигнува комплетно опремен со сите можни додатоци и гаџети и се одликува со бела боја на екстериерот, како и Lunar Horizon ентериер со бронзени акценти.

Hummer

По лансирањето на овој модел следната година, компанијата ќе го понуди и Hummer EV 3X во есента 2022 година за 99.995 долари. Овој модел ќе го задржи погонот со три електромотори, но ќе има редуцирана моќност од околу 811 КС и 12.880 Nm. Неговиот опсег исто така ќе биде намален и ќе изнесува 483 километри. Неколку месеци подоцна, во пролетта 2023 година, GMC ќе ја претстави и 2X варијантата за 89.995 долари. Оваа варијанта ќе се одликува со погонски склоп од два електромотори со 634 КС и 10.033 Nm. И покрај падот во перформансите, опсегот на движење сепак ќе се задржи на 483 километри. Една година подоцна, во пролетта 2024 компанијата ќе го лансира и базичниот модел за 79.995 долари. Ќе го користи погонскиот склоп од 2X, но ќе има намален опсег на движење од 402 километри.

Поврзани вести

Back to top button