Се поголема побарувачка на електрични автомобили во светот
Продажбата на електромобили во светот забележа рекордно ниво во третиот квартал од годината, благодарение на силната побарувачка за еколошки возила во Кина
За јули, август и септември продажбата на електрични и plug-in хибриди надминаа 287.000 примероци, што е за 63% повеќе во споредба со истиот период лани и 23% повеќе во однос на вториот квартал од оваа година, објави Bloomberg New Energy Finance. Во Кина се реализирани над половина од овие продажби, а локалниот пазар на електрични возила забележа раст од 100%, откако властите се зафатија сериозно со наметнувањето на повеќе еколошки автомобили поради рекордното ниво на загадување на воздухот во големите градови и цели покраини.
Европа е пазар број 2 за електрични возила со учество од 24%, а третата позиција е за Северна Америка.
Растот на продажбата во Кина е одраз, пред се од желбата на домашните компании да произведуваат се повеќе електрични возила, кои скаат да се натпреваруваат со западните модели, но и од субвенциите што ги добиваат купувачите од државата. Во некои случаи, електричните автомобили во Кина може да сочинуваат до 40% од нивните конкурентски возила со дизел и бензински мотори, што ја објаснува силната продажба.
Bloomberg очекува дека за првпат оваа година глобалната продажба на електромобили ќе надмине еден милион единици. И овој процес е забрзан со подобрување на инфраструктурата за полнење на електрични возила и лансирањето со се повеќе и повеќе модели со поголема автономија. Многу автомобилски компании, меѓу кои Volkswagen Group, Daimler, Jaguar Land Rover и Volvo веќе најавија амбициозни планови да станат водечки производители на електрични автомобили, за да одговорат на зголемената побарувачка.