Land Rover подготвува помала верзија на Defender
Раководството на Land Rover во моментов сериозно размислува за помала верзија на новата генерација на легендарниот модел Defender
Компанијата Jaguar Land Rover подготвува неколку нови модели за следниот период, а по се изгледа дека „мини“ верзија на Defender е еден од нив. Ова не е прв пат да се појавуваат шпекулации дека британскиот производител планира нов SUV кој ќе биде поставен под класичниот Defender. Британскиот портал WhatCar пренесува дека овој модел ќе пристигне за две години.
Според информациите, малата верзија на Land Rover Defender ќе пристигне со погон на предните тркала и мал 1,5-литарски трицилиндричен бензински мотор, како и други погонски единици, вклучително и plug-in хибриден модел, кој ќе се приклучи во поставата нешто подоцна, заедно со варијанти со погон на сите четири тркала. Претходните извештаи гласеа дека малиот Defender ќе биде базиран на пократка и многу поприфатлива верзија на модуларната алуминиумска платформа на компанијата.
Додека оригиналниот „оф-роуд“ модел има почетна цена од нешто над 40.000 фунти на домашниот пазар, помалиот SUV се очекува да има почетна цена од околу 25.000 фунти. Доколку ова се покаже како точно, тогаш овој модел ќе биде поевтин и од Discovery Sport, чија цена изнесува речиси 32.000 фунти во Велика Британија.
Официјалното име за моделот се уште е непознато, но се претпоставува дека би се нарекувал Land Rover 80 или Land Rover Defender 80. Не е исклучено моделот да добие и нов назив, или пак дури и да настане подбренд кој ќе произведува нешто поприфатливи Land Rover модели.