fbpx

Тест Land Rover Defender: Пионерот е повторно на тронот

Британскиот Land Rover по повеќе децениско опстојување одлучи комплетно да го обнови својот легендарен модел Defender, кој се смета за еден од основоположниците на класата теренски возила. Наследникот во себе ги имплементира квалитетите кои му го донесоа овој епитет, но сега е збогатен со најнови, напредни системи, современи моторни опции и комфор кој е далеку повисок од она што се нудеше кај предходникот, сè со цел да се продолжи уникатната традицијата која трае речиси 70 години

Во двобројот јули-август на Авто Плус (Машки Магазин), го објавивме тестот на Land Rover Defender, а сега истиот имате шанса да го прочитате во веб издание.

Секоја марка се судира со проблем кога ќе дојде време моделот кој ја обележал историјата на брендот да биде обновен и прилагоден на новите трендови. Свесни за тоа одговорните лица во компанијата долги години работеа на подготовката на новата генерација на моделот Defender. Целта беше јасна, есенцијалните облици на екстериерот мораа да бидат задржани, внатрешноста прилагодена на новите текови на живеење, но сепак довоно едноставна за користење и секако, да поседува механика адаптирана на новото време која ќе ја подржи легендарната проодност во тешки услови, по која впрочем стана познат овој модел. Во кратки црти, новиот модел мора да биде подобар во секој поглед, да ги исполнува најновите строги норми и воедно да биде беспрекорен во извршување на теренските задачи, а сепак да задржи препознатлив класичен облик. Тимот на Авто Плус имаше привилегија да присуствува на премиерата одржана минатата година на IAA 2019 во Франкфурт.

Макотрпна работа за загарантиран успех

Моделот Defender преставува пример за тоа како може да се направи нешто што недвојбено на прво видување ќе ги разбуди емоциите кај сите познавачи на автомобили. Мускулесто стилизираната става со нагласени правилни облици е своевидно навраќање на корените со елементи кои го носат овој облик во новиот милениум преку модерната интерпретација на класичниот и безвременски Defender. Ако внимателно погледенете на надворешноста речиси секаде се сретнуваат елементи кои потекнуваат од минатото. Појдовната точка е предниот дел каде што обликот е класичен, но со употреба на современи стилски потези преточени во предните светлосни групи не носат назад во времето.

Силуетата одлично го имитира оригиналниот дизајн, но сега пропорциите се далеку поголеми, дури и поголеми од вообичаените квази теренци кои секојдневно ги сретнуваме на улиците. Квадратните отвори јасно ја посочуваат крајната поставеност на тркалата, а гледајќи нагоре до израз доаѓа линијата која се протега по средината што го раздвојува поширокиот долен дел и делот од каде што започнуваат стаклените површини. Кога веќе ги спомнавме стаклените делови, од двете страни се забележуваат класичните „safari“ прозорци поставени високо на споевите на каросеријата.

Карактеристичниот изглед е задржан

Новините се видливи во последиот стаклен ред на кој е поставен пластичен панел кој е во бојата на каросеријата. Тој не преставува само едноставен стилски момент, туку практичен детал зад кој се сокриени држачи на кои по желба на купувачот може да бидат поставени надворешни елементи за складирање, скали за качување или канистер за гориво. Во позадината го покрива широкиот трет носач кој сега може да носи до 300 кг. статична тежина, како на пр. шатор со двајца во него.

Defender

Трансформацијата на задниот дел е еден од елементот каде што дизајнерскиот тим ја покажува својата посветеноста историјата. Имено, покрај стандардните светлосни групи на рабови од каросеријата се поставени пар идентични стоп светла но со намалени димензии, тие доаѓаат како мало потсетување на традиционалните задни светлосни групи од предходните генерации. Задната врата карактеристично за Land Rover Defender се отвара странично, а на нејзиниот надворешен дел е прикачено резервното тркало во полна димензија, што е уште еден традиционален детал. Комплетниот дизајн прави оваа креација на 4 тркала да зрачи со посебна енергија без разлика на средината во која се наоѓа.

Defender

Традицијата во пресрет на новото време

Внатрешноста на новиот Defender преставува едно несекојдневно и интересно искуство, вкусна мешавина од старо и ново, со обилна употреба на модерна технологија претставена на едноставен начин која е лесна за командување. Она што е веднаш забележливо при влегување во кабината е количината на простор со кој таа располага. Возачката позиција е максимално прилагодлива и во секој момент овозможува одлична прегледност. Место за отстапувања нема и кога говориме за останатиот просторот во внатрешноста.

Defender

Благодарение на големото меѓуоскино растојание за патниците на задните седишта резервиран е врвен комодитет кој е најзабележлив при долги патувања, а доколку има потреба багажниот простор сокрива уште две дополнителни седишта, кои во зависнот колку ќе го поместите вториод ред седишта напред, можат да се сместат и повозрасни лица. Естетиката која владее со внатрешноста асоцира на практичност со максимална робусност во изработката. Како пример ќе ги споменеме големата структурна плоча украсена со логото „DEFENDER“ што завршува во рачки кои му помагаат на совозачот полесно да влезе во кабината, истиот дел има двојна намена, може да биде и корисен простор за складирање. Во конфигурација со два реда на седишта волуменот на багажниот простор изнесува неверојатни 916 литри, што со сигурност е повеќе од доволно за транспорт на багаж на 5 члена експедиција.

Напредна технологија во внатрешноста

Застапеноста на напредната технологија и опрема е на ниво за која стариот Defender никогаш не сонувал да ја има. Па така, клима уредот поделен во 3 зони, десет-инчниот дисплеј за инфо-забава е опремен со Apple CarPlay и Android Auto, електронски менувач, копче за стартување, многуте USB приклучоци разместени стратешки низ внатрешноста, мулти функционален дисплеј за приказ на инструмент таблата и екранот сместен во рамката на централниот ретровизор задолжен за приказ на камерата која го следи сообраќајот зад возилото, тоа се само дел од благодетите кои стандардно доаѓаат во оваа верзија. Можеби звучи премногу напредно за оваа класа, но сите команди се максимално поедноставени за управување како не би одземале многу време на привикнување, а Defender би останал доследен на традицијата.

Defender

Опција која послушно ги извршува наредбите

Во моделот кој ни беше одстапен на користење работеше четирицилиндерски 2.0 дизел агрегат со два турбо полначи. Стартувањето на агрегатот ветува дека ќе овозможи неговите квалитети да дојдат до израз во секоја ситуација, тоа се должи на рафинираниот баланс и смиреноста во работењето што е првото нешто кое ќе го забележите. Максималната моќност изнесува 240 КС, целосно на раполагање при максимални 4.000 врт/мин. на агрегатот, а како втора и можеби поважна ставка во случајов е влечната сила, нејзините 430 Nm достапни веќе од ниски 1.400 врт/мин. се задолжени за елестичноста и можноста да ја повлечат масата која загазува длабоко преку 2 тона.

Во беспрекорна координација со агрегатот работи автоматскиот менувач со 8 брзини кој е одговорен преносот на силата да се одвива максимално ефикасно во секоја ситуација. Тука во игра влегува и Terrain Response II системот кој поседува предходно дефинирани режими на работа во зависност од подлогата, но во исто време е овозможено и индивидуално конфигурирање на погонот, диференцијалот и останатите склопови преку кои се обезбедува целосна управливост на возилото како на асфалтна подлога така и надвор од неа.

Соодветни перформанси

Моделот Defender поседува перформанси кои во целост одговараат за овој тип возила, забрзува до 100 км/ч за 9,1 секунди, а стрелката на брзиномерот своето патувањето го завршува на максимални 188 км/ч, што е повеќе од доволно за теренско возило. Секако, декларираната потрошувачката преставува голем предизвик кој не успеавме да го постигнеме, во нашиот случај таа се движеше во зоната околу 13 литри на секои 100 изминати километри што на прва звучи многу, но со оглед на тежината на самото возило и неговите можности нереално е да се очекува помалку.

Во урбаниот сообраќај Defender делува помалку неспретно, сепак должината од преку 5 метри си го прави своето, добрата страна е тоа што повисоката става овозможува добра прегледност, а дистанцата од подлогата гарантира дека во борбата со скопските „кратери“ кои никнуваат како печурки после дожд секогаш излегува како победник, без ниту една лузна на каросеријата. Иако, поголемиот дел од времето ќе го помине во урбаниот дел, сепак неговата природна средина се локациите на кои нема асфалт.

Не дозволува никаков сомнеж

За да провериме дали новиот Land Rover Defender ја продолжува традицијата на беспрекорно теренско возило одбравме рута која обединува дел прекриен со кал и дел кој бара искачување по карпест терен. На наметнатите предизвици Defender одговори онака како што и очекувавме, без трошка сомнеж се упати до целта совладувајќи ги препреките со леснотија потпирајќи се на квалитети кои ги поседуваат новата (D7x) шасија, електронската блокада на централниот диференцијал и напредните системи за теренско возење на најдобар можен начин.

Defender

Од друга страна, не му е непознато и возењето на долги рути, не се плаши од високо поставен ритам на управување, комфорот во кабината е на завидно ниво пред сè благодарение на воздушната суспензија (која не беше премногу мека) која може индивидуално да се прилагодува. Преку тоа што ние го доживеавме во неколкудневното дружење можеме слободно да потврдиме дека новиот Land Rover Defender во ниту еден момент не дозволи да се посомневаме во него, ниту пак да се осетивме загрозени дека ќе останеме заглавени во некојa од нашите авантури, тој едноставно продолжува да се движи во секој момент.

Збирот на елементи од типот: традиција, робусен одлик на екстериер, теренски карактер … наведува да заклучивме дека Defender не е за секого, особено не за оние кои планираат да се шепурат со своите лимени миленичиња пред трендовските кафе барови. Новата генерација на Defender сака да ја живее приказната создадена од предците, затоа неговата „default“ средина се природните беспаќа каде што најдобро може да дојдат до израз квалитети и сопсобностите кои ги поседува.

Технички податоци за Land Rover Defender 110 S D240

Цена  101.900 евра

мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.999 см3
пречник и од 83,0 x 92,35 мм
степен на компресија 15,5:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 240 KС (177 kW) при 4.000 min/-1
макс. вртежен момент 430 Нм при 1.400 min-1
трансмисија на сите тркала преку 8-степен автоматски менувач
потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 255/60 R20
каросерија Теренец со пет врати, седум седишта
должина х ширина х висина 5.018 x 2.105 x 1.967 мм
меѓуоскино растојание 3.022 мм
траги (напред/назад) 1.704/1.699 мм
тежина 2.250 кг
максимална тежина 3.215 кг
багажен капацитет 916 литри
резервоар 85 литри
максимална брзина 188 км/ч
забрзување 0-100 km/h 9,1 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 7,2/8,7/7,7 л/100 км
емисија на CO2 238 г/км

Land Rover Defender во Македонија:

Land Rover Defender 90 D200 67.300 евра
Land Rover Defender 110 D200 74.900 евра
Land Rover Defender 90 SE D240 84.800 евра
Land Rover Defender 110 SE 92.300 евра
Land Rover Defender 110 HSE P300 100.200 евра
Land Rover Defender 110 X P400 129.200 евра

Повеќе информации во Аутомобили Гроуп или на тел. (02) 3093 024

Конкуренти:

Jeep Wrangler од 53.000 до 63.900 евра
Toyota Land Cruiser oд 52.900 до 77.300 евра
Mercedes G-Class oд 125.000 до 204.700 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button