Hyundai Kona Electric освежена за 2021
Корејскиот производител Hyundai одлучи да ја освежи Kona Electric за моделската година 2021 со низа унапредувања и неколку новитети
Hyundai ја лансираше Kona Electric во 2018 година и оттогаш преку 120.000 единици се продадени глобално. Сепак, корејскиот производител реши дека е време за мали промени и освежувања, поради што електричната верзија на малиот кросовер доби соодветен третман.
Предниот дел е освежен со нови фарови и LED дневни светла. Предната решетка исто така мина низ неколку промени, а на предницата сега се наоѓа и асиметричниот приклучок за полнење. Меѓу останатите унапредувања тука се новите задни светла и унапредениот заден браник. Новите промени на каросеријата значи дека освежената Kona Electric сега е 40 милиметри подолга од досегашната верзија.
За напојувањето на кросоверот е задолжена 64 kWh батерија со еден електромотор кој испорачува 201 КС и 395 Nm и нуди автономија од 484 километри според WLTP циклусот. Кога е конектиран со полнач од 50 kW, батеријата на електричниот автомобил се полни од 10 до 80 проценти за 64 минути. Ова време опаѓа на 47 минути со 100 kW полнач. Купувачите исто така можат да изберат и 10,5 kW трофазен полнач. Kona Electric исто така пристигнува со Smart Adjustable регенеративен систем на сопирање.
Унапредувањата не го заобиколија ниту ентериерот кој сега вклучува 10,25-инчен дигитален инструмент кластер и 10,25-инчен екран од инфозабавниот систем. Тука е и новиот систем за амбиентално осветлување.
Сите Hyundai Kona Electric модели за 2021 година пристигнуваат со богат пакет на Hyundai SmartSense безбедносни карактеристики. Освежената Kona Electric ќе пристигне на одредени пазари следната година, а цените се уште не се објавени.