Toyota GR Yaris официјално пристигна во Европа
GR верзијата на Yaris е веројатно еден од најочекуваните „хот хечови“ на Стариот континент оваа година, а Toyota конечно го претстави во Европа
Времето за Toyota да го претстави својот хот хеч инспириран од рели искуството конечно пристигна, а GR Yaris е подготвен да покаже дека е посебен во реалноста, исто како што е на „хартија“. Веќе е познато дека моќноста се изведува од 1,6-литарскиот трицилиндричен турбо мотор кој испорачува 261 КС и 360 Nm максимален вртежен момент кои се испорачуваат на сите четири тркала благодарение на шестстепениот мануелен менувач и првиот оригинален систем за погон на двете осовини на Toyota по 20 години. Ова е најмоќниот трицилиндричен мотор кој во моментов е во производство.
Спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за помалку од 5,5 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 230 километри на час. Перманентниот GR-Four AWD нуди три возачки режими – Normal, Sport и Track, делејќи го вртежниот момент меѓу осовините на 60:40, 30:70 и 50:50, соодветно.
Со оглед на тоа дека актуелниот Yaris не пристигнува во изведба со три врати, Toyota мораше да дизајнира и да произведе само еден таков модел за хомологацијата за WRC автомобилот за следната година, претворајќи го GR Yaris во уште поспецијална креација, иако продукциската изведба нема да биде ограничена на вообичаениот низок број.
Новиот Toyota GR Yaris го споделува истото подвозје со регуларниот Yaris, но задниот дел е целосно специјален, со двојна суспензија на носачот, наместо торзиона оска. Покривот е понизок за 95 милиметри и е направен од карбонски полимер, додека спојлерите, вратата од багажникот и хаубата се направени целосно од алуминиум. Официјалната тежина на автомобилот е 1.280 килограми.
Два дополнителни опционални пакети
Toyota на купувачите ќе им ја понуди и опцијата Circuit Pack, која додава перформанси како преден и заден Торсен диференцијал со ограничено пролизгување, заедно со сет на 18-инчни тркала, ревидиран систем на потпирање и црвени сопирачки.
Втората опција е Convеnience Pack, кој додава премиум JBL аудио систем, сателитска навигација, паркинг сензори, амбиентално осветлување и head-up екран. Сепак, купувачите во Европа нема да можат да ги комбинираат Circuit и Convenience пакетите истовремено.
Новиот Toyota GR Yaris ќе пристигне опремен со автоматски LED фарови, Ultrasuede спортски седишта, осуминчен инфозабавен екран со Apple CarPlay и Android Auto, двозонски клима-уред, автоматски брисачи и уште ред други работи како стандардни.
Цените за новиот GR Yaris стартуваат од 33.200 евра во Германија.