Откриен првичниот Formula 1 календар за сезоната 2021
Конечно го имаме привремениот Formula 1 календар за следната година, а во истиот се најдоа 23 трки, од кои 22 се веќе официјално потврдени
Со оглед на актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот, како и проблемите со кои Formula 1 се соочи, јасно е дека ќе има голем број неизвесности и за новата сезона. Сепак, провизорниот Formula 1 календар за трките во 2021 година е веќе познат, со тоа што од 23 трки, 22 се официјално потврдени. Единствената енигма останува 25 април.
Освен тоа, се друго е веќе познато. Сезоната ќе стартува во Мелбурн со Големата награда на Австралија на 21 март и ќе трае до 5 декември каде што ќе се стави крај со трката во Абу Даби. За следната година новитет е и првата трка во Formula 1 во Саудиска Арабија.
Се уште постојат проблеми со договорот околу Големата награда на Шпанија и на Бразил, но и покрај тоа, тие се најдоа на календарот.
Еве како ќе изгледа новата сезона во Formula 1, освен ако не се случат некои несакани промени:
– Австралија / Мелбурн (21 март)
– Бахраин / Сакхир (28 март)
– Кина / Шангај (11 април)
– Непознато (25 април)
– Монако (23 мај)
– Азербејџан / Баку (6 јуни)
– Канада / Монтреал (13 јуни)
– Франција / Ле Кастелет (27 јуни)
– Австрија / Шпилберг (4 јули)
– Велика Британија / Силверстоун (18 јули)
– Унгарија / Будимпешта (1 август)
– Белгија / Спа (29 август)
– Холандија / Зандворт (5 септември)
– Италија / Монца (12 септемвври)
– Русија / Сочи (26 септември)
– Сингапур (3 октомври)
– Јапонија / Сузука (10 октомври)
– САД / Остин (24 октомври)
– Мексико / Мексико Сити (31 октомври)
– Бразил / Сао Пауло (14 ноември)
– Саудиска Арабија / Џеда (28 ноември)
– Абу Даби (5 декември)
„Задоволни сме да го најавиме провизорниот Formula 1 календар за 2021 по долгите разговори со нашите промотори, тимовите и FIA. Ги планираме настаните за 2021 со фановите кои ќе ни понудат искуство блиску до нормалното и очекуваме нашите договори да бидат испочитувани“, изјави извршниот директор и претседател на Formula 1, Чејз Кери.
Кога станува збор за оваа сезона, Луис Хамилтон може да стави точка на својата седма светска титула во F1 овој викенд, а за тоа му е потребно да заврши пред својот тимски колега Валтери Ботас.