Сите Porsche Unseen концепти на едно место
Германскиот производител покажа некои од најсмелите и досега невидени концептни автомобили како дел од својата кампања Porsche Unseen
Германскиот производител Porsche неодамна ја започна кампањата Porsche Unseen која тргна со неколку тизери од концепти кои никогаш досега не биле видени од страна на јавноста. Со ова, Porsche покажа некои од најсмелите концептни автомобили како 919 Street, Vision Spyder и Vision „Renndienst” и уште 12 други. Петнаесет концепти се покажани во новата книга на производителот Porsche Unseen, на 328 страници, во која за првпат се објавени студии за дизајн од 2005 до 2019 година.
Од првиот цртеж до готовото концептно возило подготвено за производство, книгата ги покажува сите последни детали во процесот на производство и дизајн на Porsche, додека изложбата ќе се одржи во 2021 година во музејот на компанијата каде треба да бидат изложени овие автомобили.
919 Street, Vision Spyder и Vision Renndienst
Од компанијата најпрво споделија информации само за три од возилата. Серијата започна со 919 Street кој е развиен на основа на Porsche 919 Hybrid и има за цел да обезбеди возачко искуство слично на LMP1 автомобил, а се одликува со хибриден тркачки погон со моќност од 900 коњски сили во својот монокок од јаглеродни влакна.
Следен е Vision Spyder, автомобил инспириран од Porsche 550-1500 RS Spyder од 1954 година, со отворен кокпит, решетки на ладилникот над средниот мотор и црвена графика за да им оддадат почит на автомобилите од 50-тите. Последен од првиот дел беше Porsche Vision „Renndienst“, целосно електрично комбе наклонето кон семејството и може да собере до шест лица.
По успешно завршената прва епизода, следуваше и нов дел во кој беа претставени и останатите концепти кои јавноста никогаш претходно ги нема видено, а Porsche таинствено ги чуваше пред да ги претстави во својата Unseen колекција. Така на ред дојдоа Vision 920, 917 Living Legend, Le Mans Living Legend, Vision E, Vision 918 RS, Macan Vision Safari, Vision Turismo, Vision 916, Boxster Bergspyder, 904 Living Legend и 911 Vision Safari.
917 Living Legend
Porsche 917 Living Legend претставува одавање почит на најлегендарниот тркачки автомобил на компанијата. Сепак, овој концепт и не е толкава тајна, бидејќи веќе беше покажан во март минатата година. Создаден е во 2013 година како модерна интерпретација на легендарниот Porsche 917 тркачкиот автомобил. Иако покажан во чест на 50-годишнината на 917, овој модел никогаш не бил предвиден да биде нешто повеќе од дизајнерска студија. Интересно, моделот кој е претставен на фотографиите е направен од пластелин.
Le Mans Living Legend
Le Mans Living Legend е инспириран од Porsche 550 и претставува екстремен единечен автомобил базиран на Porsche Boxster, а како што велат од компанијата, Le Mans Living Legend концептот исто така служи и како претходник на модерниот Porsche 718 Cayman GT4 моделот.
Vision 920
Porsche Vision 920 бил наследникот на 919 Hybrid, исклучително успешен модел кој беше згаснат по повлекувањето на Porsche од FIA WEC шампионатот на сметка на Formula E. Прикажан сега за прв пат во Porsche Unseen, Vision 920 нема да биде ниту модел легален за патиштата, ниту нов тркачки автомобил, а сепак привлекува огромно внимание со својот изглед.
Vision E
Од друга страна, тука е и Porsche Vision E во кој е искористено искуството и знаењето на Porsche од настапите во Formula E за адаптирање на електричниот погон како база за некој иден електричен спортски автомобил кој ќе биде наменет за патеките и патиштата. Благодарение на централната возачка позиција и 800-волтната технологија, електричниот тркач без дилеми ќе понуди досега невидено возачко искуство.
Vision 918 RS
Кога сме кај електрификацијата, не треба да се заборави ниту Vision 918 RS кој хибридните хиперавтомобили ги носи на едно ново ниво. Во потрага по креирање на еволуција на 918 која подеднакво добро ќе се снајде на тркачките патеки, а истовремено ќе го задржи своето „право“ да се вози на цивилните патишта, тимот на Porsche го креираше Vision 918 RS концептот.
Macan и 911 Vision Safari
Porsche Macan Vision Safari е модел базиран на првата генерација на Macan кој се карактеризира со само две врати, но и еден куп на „оф-роуд“ модификации. Инспирацијата доаѓа од 911 Safari како и легендарниот 959 Paris-Dakar тркачот, па на еден начин тој е неофицијален наследник на овој модел.
Кога веќе зборуваме за Safari изданијата, тука е и прототипот Vision Safari со кој му се оддава почит на 911 SC Safari тркачкиот автомобил од 1978 година.
904 Living Legend
Следен на листата е 904 Living Legend концептот од 2013 година, кој исто така е дел од Porsche Unseen колекцијата на дизајнерски студии. Направен од целосна карбон шасија, ова мало купе со централно поставен мотор тежи нешто повеќе од 900 килограми, а од Porsche велат дека за овој модел идеален е V2 мотор од мотоцикл.
Boxster Bergspyder
Иако креиран во 2014 година, Porsche одлучи да не го претстави својот уникатен и специјално направен Boxster Bergspyder прототип се до јуни 2019 година. Моделот е инспириран од легендарниот 909 Bergspyder, a е базиран на 981 Boxster. Се карактеризира со тежина од само 1.130 килограми, плитко предно стакло, карактеристичен заштитен кафез, инструменти од 918, едно седиште и фиока за шлем на место на совозачкото седиште. Моќноста доаѓа од 3,8-литарскиот Cayman GT4 мотор кој испорачува 393 КС.
Vision 916
На ред доаѓа и Porsche Vision 916, дизајнерска студија за мал електричен спортски автомобил инспириран од прототипот 916 од 70-тите години. Идејата зад Vision 916 е да се откри колку минималистички може да биде еден спортски автомобил на Porsche. Креиран во 2016 година, Vision 916 е целосно електричен со четири електромотори и Porsche одлучи да го претстави на светот преку серијата Unseen.
Vision Turismo
Последен, но не и најмалку важен е Vision Turismo. Porsche минатата година влезе во светот на електричните возила со оделот Taycan, а оваа приказна започна токму со Vision Turismo. А приказната, пак, на Vision Turismo започнува со дизајнерскиот шеф Михаел Мојер кој забележал цртеж на 918 хибридниот хиперавтомобил и на момент му се причинило дека автомобилот имал четири, наместо две врати. Оттаму идејата за супер спортски автомобил со четири врати.