fbpx

Mini подготвува електрична John Cooper Works верзија

Британскиот производител Mini потврди дека подготвува електричен хот хеч, а сега го покажа и Mini John Cooper Works Electric концептот

Помина само еден месец откако се појавија првите шпекулации дека Mini ќе пласира JCW верзија на својот електричен автомобил и веќе добиваме шанса да видиме како ќе изгледа овој модел. Mini најавува нова електрична офанзива, овој пат со перформансен модел кој ќе го понесе името John Cooper Works Electric. Иако засега не објавуваат конкретни детали, сепак се потврдува дека Mini сака да додаде перформансен хот хеч во опсегот JCW подбрендот.

„Со Mini Electric, покажавме колку добро типичното возење кое го нуди нашиот бренд и електромобилноста можат да бидат искомбинирани. Сега е време да ја преведеме страста за перформанси на John Cooper Works брендот во електромобилноста. Токму затоа работиме на развивање на концепти за електрични John Cooper Works модели. Со овој нов фокус на електричните перформанси, ние исто така креираме можност за да го заостриме карактеристичниот профил на John Cooper Works брендот повеќе од било кога“, изјави шефот на Mini брендот Бернд Корбер.

Од Mini остануваат таинствени

Од Mini споделија фотографии од својот концептен Mini JWC Electric кој е обвиен во црно-црвена камуфлажа и се карактеризира со голем број на делови од конвенционалниот JCW додадени на Mini Electric. Како резултат на тоа, возилото се карактеризира со истите сводови над тркалата, „набилданата“ предница и големиот заден спојлер. Недостатокот на издувен систем и решетка јасно асоцираат дека станува збор за електричен автомобил.

Mini John Cooper Works

За спецификациите на моделот и техничките податоци се уште нема никакви информации. Стандардниот Mini SE располага со 184 КС и 270 Nm, што е доволно до „стотка“ да се стигне за 7,3 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 150 километри на час. Перформансната верзија сигурно ќе понуди многу повеќе.

Од Mini засега не потврдуваат конкретно дали автомобилот ќе стигне до производствените ленти, но истакнуваат дека „идните Mini архитектури за возила значат дека екстремните перформанси и врвното возачко уживање исто така ќе бидат достапни со електричен погон како и со мотори на внатрешно согорување“, со што се сугерира дека продукцискиот модел наскоро ќе пристигне.

Поврзани вести

Back to top button