fbpx

Genesis откри неколку детали за моделот GV70

Јужнокорејскиот производител на премиум автомобили Genesis, ги соопшти деталите околу својот нов SUV модел наречен GV70

Откако неколку години беше во подреден статус во однос на конкурентите, Genesis веќе станува целосно легитимен производител на луксузни автомобили. Овој процес започна со G70 и GV80, а продолжува и денес со претставувањето на моделот GV70.

Подготвен да стане еден од најважните модели на брендот, Genesis GV70 претставува влезен модел во кросовер „светот“ на корејскиот производител кој се карактеризира со храбар и напреден дизајн. На предниот дел доминира големата решетка која е опколена со спортски отвори за воздух и препознатливите светлечки групи на Genesis.

GV70

Заоблената каросерија и опаѓачката хауба се карактеристични за моделот, а GV70 исто така се одликува со таканаречена „параболска линија“ која стартува со предните светла и продолжува на задниот дел се до задните светла. Забележливи се и задните мускулни крила. Тука е и закривениот прозорец на задната страна, заедно со вратата која поседува интегриран спојлер. Моделот се одликува со уникатни задни светла лажен вентилирачки заден браник и голем двоен издувен систем.

GV70

Врвниот стајлинг продолжува и во кабината, каде се наоѓаат висококвалитетни материјали и елеиптични елементи, кои се „инспиррани од аеродинамичните делови на крилата на авионите“.

Genesis не сподели многу детали за ентериерот, но може да се забележи дигиталниот инструмент кластер и големиот инфозабавен систем. Моделот е опремен и со стилски контроли за клима-уредот и тенка хромирана линија која се протега низ целата кабина. Сребрените акценти исто така се тука и се придружувани од ротацискиот менувач на брзини.

И додека стандардниот модел изгледа навистина добро, купувачите можат да го изберат и Sport пакетот. Тој со себе носи темна хромирана решетка, црни акценти и уште поагресивен преден браник. Пакетот исто така вклучува и поголеми завршетоци на издувниот систем, дифузер во боја на каросеријата и ревидиран ентериер со спортски управувач и карбонски трим.

GV70

Genesis засега не открива информации за спецификациите, но GV70 е поставен на архитектура со погон на задните тркала. Воведниот мотор ќе биде 2,5-литарски четирицилиндерски агрегат со турбо полнач кој ќе испорачува 304 КС и 422 Nm. Во понудата ќе се најде и попотентниот 3,5-литарски V6 бензинец кој доставува 380 КС и 530 Nm. За Европа ќе биде достапна и дизел погонска единица, а станува збор за 2,2-литарскиот агрегат со четири редно поставени цилиндри потпомогнати од турбо полнач. Овој мотор развива 210 КС и 440 Nm.

Не е откриено ништо во врска со трансмисијата, но се претпоставува дека сите мотори ќе користат исклучиво автоматски осумстепен менувач. Засега не е познато ниту тоа дали во понудата ќе се најде и погон на сите четири тркала. Купувачите на располагање ќе имаат четири различни возачки режими како Eco, Comfort, Sport и Custom. Моделите опремени со Sport пакетот ќе имаат и петти возачки режим наречен Sport Plus.

GV70

Од Genesis открија нешто повеќе детали околу технологијата. Така овој луксузен SUV ќе располага со напредни системи како предупредување за возило во мртов агол, систем за помош при сопирање, како и систем кој Корејците го нарекуваат Highway Driving Assist II. Станува збор за систем кој комбинира адаптивен темпомат со автоматско одржување на возилото во лентата. Ова би требало да го направи возењето по автопат целосно безгрижно. Освен тоа, се наведува и дека Genesis GV70 ќе има и систем за читање на отпечатоците на прстите, само што не е познато дали истото ќе се користи за отклучување на некои опции во инфозабавниот систем, или за стартување на возилото, или нешто трето.

Genesis GV70 најпрво ќе пристигне во Јужна Кореа, а потоа и во САД и Европа. На Стариот континент треба да пристигне кон средината на следната година.

Поврзани вести

Back to top button