fbpx

Први проблеми за F1 во 2021, трката во Австралија неизвесна

Само неколку дена поминаа откако влеговме во 2021 година, а F1 веќе се соочува со големи проблеми, откако првата трка во сезоната е под закана за одложување

Пандемијата на коронавирусот се уште не е завршена, иако сите тоа го посакуваме и можеби потсвесно го мислевме со влегувањето во 2021 година. Напротив, Ковид-19 се уште создава проблеми, а тоа може да се одрази и на F1 календарот за новата сезона, бидејќи првата трка во годината, онаа за Големата награда на Австралија, е под ризик да биде одложена токму поради коронавирусот.

Австралиското Гран При во Albert Park во Мелбурн е прва трка во Formula 1 сезоната уште од 1996. Официјалните лица се обидоа да ја одржат трката минатата година, но настанот на крајот беше откажан по првиот тренинг откако еден од членовите на McLaren тимот беше позитивен на тестирањата.

Со напорите за забавување на ширењето на вирусот, се чини дека 2021 ќе биде втората година по ред без почеток на сезоната во Австралија. Добрата вест за фановите е што според извештаите на Motorsport, настанот ќе биде само одложен.

Трката најверојатно ќе биде одложена

Пренесувајќи неименувани извори, во извештајот се истакнува дека трката би можела да биде презакажана за подоцна во текот на годината. Сепак, на 1 јануари официјалниот Twitter профил на F1 го објави календарот за 2021 со Големата награда на Австралија како прва трка во сезоната која почнува на 21 март.

Следната трка во календарот, Големата награда на Бахреин, е планирана за 28 март и би можела да биде всушност прва трка во сезоната, доколку онаа во Австралија биде одложена.

Австралиската влада истакна дека двонеделен карантин ќе биде задолжителен за сите F1 тимови кои ќе пристигнат во земјата.

За потсетување, календарот за сезоната 2020 беше навистина погоден од пандемијата, поради што најголемиот дел од сезоната се одржа на европските патеки. И покрај напорите да се лимитира пренесувањето на вирисот, тројца возачи беа тестирани позитивни на Ковид-19 во 2020.

Иако Австралија во моментов има само 279 активни случаи на Ковид-19, во Велика Британија ситуацијата е драматична, а најголемиот дел од F1 тимовите своите инжинерски оддели ги имаат токму во оваа земја и тука најчесто ги склопуваат своите болиди.

Поврзани вести

Back to top button