Golf 8 и официјално започна со продажба во Македонија
По официјалното претставување на најновата, осма генерација, Volkswagen Golf и официјално започнува со продажба на македонскиот пазар
Volkswagen Golf од осмата генерација беше официјално претставен пред речиси една година во Македонија, а продажбата од денес е официјално започната и најпопуларниот автомобил во Европа за 2020 официјално е изложен во продажниот салон на Volkswagen во Скопје.
Новата генерација на Golf 8 во Македонија пристигнува со бензинските мотори TSI. Потоа, тука е дизел агрегатот TDI и електрифицираниот eTSI благ хибрид. Не треба да се заборави и бивалентниот бензински мотор предвиден за погон на природен гас TGI. Сите доаѓаат со турбо полначи. Моќноста на моторите варира од 90 КС до 150 КС. Како што беше најавено уште од претходно, новите дизел мотори на Volkswagen пристигнуваат со нова технологија што ги прави почисти од било кога. Така, TDI моторите воведуваат технологија за двојно дозирање на AdBlue со помош на два SCR катализатори и постигнуваат намалување на емисијата на азотни оксиди до 80 проценти. Истовремено се намалува и нивото на потрошувачка и до 17 проценти во споредба со TDI моторите од претходната генерација.
Од она што во моментов е изложено во продажниот салон на Volkswagen во Скопје, моделите кои се нудат се со 2,0-литарски TDI мотор со 115 или 150 КС, а наскоро треба да пристигнат и моделите со 1,5-литарскиот TSI мотор.
Со официјалното започнување на продажбата значи дека сега се познати и цените за македонскиот пазар, а тоа значи дека моделите кои се изложени во продажниот салон во моментов, со 2.0 TDI мотор со 115 и 150 КС и базично ниво на опременост цените изнесуваат 23.500, односно 23.800 евра.
Треба да се напомене и дека во базичното ниво на опременост, осмата генерација на Golf пристигнува со Start & Stop систем, дигитален инструмент кластер, автоматски светла, автоматски брисачи… Од Порше Македонија ни истакнаа дека наскоро ќе објават повеќе информации на нивниот официјален веб-сајт.