Jeep Gladiator конечно почнува со продажба во Европа
Jeep ги отвори книгите за нарачки за моделот Gladiator ширум Европа, а моделот во продажните салони на Стариот континент ќе пристигне наскоро
Европските купувачи конечно ќе имаат шанса да го нарачаат Jeep Gladiator, чии нарачки се веќе отворени, а првите модели се очекуваат во продажните салони наскоро. Gladiator на Стариот континент ќе пристигне само со еден мотор во понудата, а станува збор за 3,0-литарскиот Multijet V6 дизел агрегат кој испорачува 264 КС и 600 Nm максимален вртежен момент. Овој мотор ќе се нуди во комбинација со осумстепен автоматски менувач. За разлика од Европјаните, на Блискиот Исток и другите неевропски пазари, покрај дизелот, ќе го имаат како опција и 3,6-литарскиот Pentastar V6 бензински мотор.
Опсегот на европскиот Jeep Gladiator ги вклучува Sport и Overland нивоата на опременост, како и ограничениот Launch Edition кој ќе биде достапен само за време на фазата на лансирање. Пикап камионетот на Jeep ќе биде достапен во девет бои на екстериерот во комбинација со мек покрив, односно со црн или цврст покрив во боја на каросеријата.
Jeep исто така ќе понуди и повеќе од 200 Mopar аксесоари од лансирањето, овозможувајќи им со тоа на купувачите да го персонализираат својот Gladiator. Опсегот на додатоци вклучува покривни шини, системи за носење различен товар, цилиндрични странични скали, монтажни шипки за праговите, тркала од лесна легура и друго. Сите Gladiator модели во Европа ќе пристигнат со Selec-Trac 4×4 систем за погон на сите четири тркала.
Две нивоа на опременост и Launch Edition
Според Jeep, базичното Sport ниво на опременост на Gladiator нуди унапредена функционалност и содржина за „оф-роуд“ персонализација, додека Overland има широк спектар на карактеристики како стандардни кои го нудат најдоброто во областа на комфорот и технологијата.
Ограничената серија на Launch Edition е резервирана за првите европски купувачи и е опремена со 18-инчни алуминиумски тркала, цврст покрив во боја на каросерија, Cargo Management Group, церада и ред други додатоци. Ентериерот на Gladiator Launch Edition ќе се карактеризира со кожни седишта, 8,4-инчен Uconnect инфозабавен систем со Android Auto, Apple CarPlay, предна камера и Alpine Premium аудио систем со пренослив бежичен звучник.